Продолжува дијалогот меѓу Москва и Киев
Продолжува дијалогот меѓу Москва и Киев во обид да се стигне до договор за крај на војната. Украинскиот претседател Зеленски оцени дека сега, позициите се многу пореалистични. И Русија гледа шанса за компромис. Според „Фајненшл тајмс“, двете страни направиле значителен напредок. Но, додека траат преговорите, продолжија бомбардирањата…

Украина го одби предлогот за неутралност на земјата по австрискиот модел. Мировниот договор треба да го штити суверенитетот и независноста- дециден советникот на Зеленски и член на преговарачкиот тим, Подољак.
„Нашите позиции се непроменети – мир, итен прекин на огнот и повлекување на сите руски трупи, дури потоа може да се зборува за некакви меѓусоседски односи и за некои политички договарања. И знаете дека Украина има стотици и илјадници херои, кои ги даваат своите животи, го даваат своето време и сè што имаат за да ја заштитат оваа земја. Затоа, ние ќе победиме“, нагласи Подољак.
Украинскиот претседател Зеленски имаше обраќање пред американскиот Конгрес. Побара затворање на небото, но и построги санкции за Русија и руските политичари. Истакна дека неговиот народ се бори за европските вредности и на светот
„Ве поздравувам во името на украинскиот народ, храбар и слободољубив кој се спротивставува на агресијата веќе осум години. Во моментот се решава судбината на нашата земја. Судбината на нашиот народ. Украинците да може да ја зачуваат својата демократија. Не нè нападнаа само нас, почнаа брутална офанзива против нашите вредности. Во најтемното време за нашата земја, ве повикувам да сторите повеќе. Потребни се нови пакети санкции, постојано, секоја недела, додека не запре руската воена машинерија“, нагласи Зеленски.
Рускиот претседател Путин обвини дека западните ментори на Украина го поттикнале Киев на крвопролевање, му испорачале оружје и испратиле платеници. Русија немало друга опција освен воена интервенција, вели Путин. Тврди оти руската специјална операција се одвива според планот.
„Би сакал да забележам дека Украина, охрабрена од САД и голем број западни земји, намерно се подготви за воено сценарио, за крвав масакр и етничко чистење во Донбас. Масивна офанзива во Донбас, а потоа и на Крим, беше само прашање на време. И нашите вооружени сили ги осуетија тие планови“, изјави рускиот претседател, Путин.
На украинска територија, не прекинуваат гранатирањата и нападите од руската армија. По 21 ден од почетокот на војната, силни експлозии се слушаат и во украинската престолнина. Во западниот дел на Киев е гранатирана и станбена зграда. Има загинати и ранети цивили. Борби се водат и во Мариупол, Одеса и Запорожје.
Маја Стојанова
