Украина

Борел: Нападот врз Мариупол е масовно воено злосторство

21.03.2022 13:14

Напад на Одеса, гранатирана станбена зграда. Киев го одби ултиматумот за предавање на Мариупол, украинските сили да го предадат оружјето, цивилите да го напуштат градот. За шефот, за надворешна политика на Европската унија, Борел, нападот врз Мариупол е, масовно воено злосторство...

Украина го одби рускиот ултиматум за безбеден излез од Мариупол ако властите го предадат градот. Според предлогот, на цивилите ќе им беше дозволено да го напуштат градот ако украинските сили го положат оружјето. Сепак, Украина го одби предавањето на стратешки важниот пристаништен град.

„Руската војска не може да го најде патот до дома. Затоа нашите војници им помагаат на патот до божјиот суд. За сè што им направија на нашиот народ, обичните Украинци. На мирните луѓе. Во Охтирка и Харков, во Бородјанка и Чернихив. Во Волноваха и Мариупол. И многу други наши храбри градови“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Мариупол со недели е опкружен од руските сили, кои интензивно го гранатираат. Се верува дека во градот се заглавени околу 300.000 луѓе. Резервите се намалуваат. Доставувањето помош е блокирано. Градот одамна е без вода, струја и греење.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук кажа дека Украина нема да престане да го брани Мариупол.

„Предавање и положување оружје не доаѓаат предвид. Ќе продолжиме со борбата до последниот војник“, изјави Ирина Верешчук, вицепремиер на Украина.

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Борел, нападот врз Мариупол го оцени како „масовно воено злосторство“.

„Она што се случува сега во Мариупол е големо воено злосторство, се уништува сè, се бомбардира, се убива“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.

Гувернерот на украинскиот регион Суми, објави дека дошло до истекување амонијак од хемиска фабрика на североистокот на земјата. Се верува дека загрозената област е во радиус од 2,5 километри и дека граѓаните треба да се засолнат во засолништа и подруми.

Се очекува нова рунда преговори преку видео врска на делегациите на Украина и на Русија. З еленски инсистира на средба со неговиот руски колега Путин, што Кремљ досега одбиваше да го земе предвид.

Москва бара демилитаризација на Украина и неутрален статус, признавање на самопрогласените републики и анексија на Крим. Украина досега покажа подготвеност за компромиси за неутралноста, но сака посилни безбедносни гаранции од западот.

Марина Ристова