Борбите продолжуваат, западот ги зајакнува санкциите
Изминува месец од руската инвазија врз Украина. Борбите продолжуваат, западот ги зајакнува санкциите. Зеленски повика на протести против агресијата од Москва и оцени дека изминативе 30 дена донеле мрак и деструктивност. Русија соопшти дека целосно ја презела контролата врз градот Изјум на истокот од земјата. Мариупол претворен во град на духови. Штетите се огромни. Се проценува дека војната досега создаде над 3,6 милиони бегалци…

Разгорување на фронтот во Украина и серија клучни самити во Брисел на крајот од првиот месец од руско-украинскиот конфликт. Наместо со дипломатски прогрес и мировно решение, двете страни продолжуваат да се фалат со воени успеси. Украинската морнарица соопшти дека уништила голем десантен брод кај Бердјанск. Руските медиуми известуваат за преземање на контролата врз градот Изјум. Украинскиот претседател Зеленски со повик до НАТО.
„Никогаш веќе да не ни кажете дека нашата војска не ги исполнува стандардите на НАТО. Покажавме за што сме способни, и колку можеме да придонесеме за безбедноста на Европа и светот. НАТО треба да покаже што може сојузот да стори за да го спаси народот, да покаже дека е навистина најмоќниот воен сојуз во светот. Потребен ни е мир веднаш. Одговорите се кај вас“, рече украинскиот претседател Зеленски.
Москва очекува од Советот за безбедност на Обединетите нации да ја ублажи хуманитарната криза.
„Гледаме дека ОН и колегите од Западот прават сè за да ги политизираат хуманитарните прашања што е можно повеќе, и да им дадат антируски карактер. Ние сакаме да ги решаваме проблемите кои се собираат во Украина за да се отстранат препреките во цивилната евакуација и доставата на хуманитарна помош“, изјави шефот на руската дипломатија, Лавров.
Според шефот на европската дипломатија, Украина за разлика од Русија, е подготвена да преговара.
„Во моментов Русија не сака да седне и да преговара бидејќи сака да окупира територија. Русија сака да преговара само од позиција на сила. Сака да го опколи брегот. Сака да стигне до границата на Молдавија од запад и да ја изолира Украина на море. Ќе преговараат сериозно само кога ќе успеат да ја освојат позицијата која ќе им даде моќ“, нагласи шефот на европската дипломатија, Борел.
Европа го зголемува притисокот врз Москва. Велика Британија воведе санкции за уште 65 руски поединци и организации, вклучувајќи олигарси, банки и компании за одбрана. Над 300 членови на руската Дума и над 40 руски компании казнети и до САД.
Маја С. Филдишев
