Русија продолжува со жестоки напади, Украина успешно го брани Киев
Предупредување за воздушни напади во Украина. Војската уверува дека успешно го брани Киев од непријателскиот оган. „На ред е ослободување на Донбас“, најави руската армија. Вашингтон и НАТО прават планови за евентуален напад врз територија на Алијансата. Медведев тврди – санкциите од западот само ќе го обединат уште повеќе руското општество.

Сирените и утрово одекнаа во неколку градови во Украина. Киев, Харков и Чернихив се повторно под силен оган од непријателските сили. Масовно иселување и од Мариупол.
„Во Чернихив нè напаѓаат и со тенкови и авиони. Некои луѓе не успеаја да излезат две недели.“
„Кон Запорожје имаше 15 руски контролни пунктови. Видовме млади момчиња, уверени дека нè ослободуваат. Но нам не ни треба таква слобода. Имаше и позрели мажи кои ни ги проверуваа возилата, чепкаа по приватните работи, коментираа за женска долна облека. Страшно е да се патува.“
„Првата фаза од воената операција заврши, на ред е Донбас“, соопшти руското Министерство за одбрана.
„Главните цели од првата етапа на операцијата се генерално постигнати. Борбениот потенцијал на силите на Украина е значително намален, што, како што веќе реков, ни овозможува да се фокусираме на главните напори за постигнување на крајната цел, ослободувањето на Донбас“, изјави Сергеј Рудској, заменик-началник на Генералштабот на оружените сили на Русија.
„Агресорската војна на Русија против Украина го крши меѓународното право и предизвикува масовно губење човечки животи и повреда на цивилите“, се вели во заедничкото соопштение на лидерите на земјите-членки на ЕУ.
Според Белата куќа, Вашингтон и НАТО прават планови за евентуален напад од Русија врз територија на Алијансата. Претседателот Бајден се закани дека ќе одговори соодветно доколку биде извршен хемиски напад, но неговиот советник за национална безбедност тврди – тоа не значи дека и САД ќе го користат истото оружје.
„Ќе ја избереме формата и природата на одговорот врз основа на природата на акцијата на Русија во координација со сојузниците. Ние контактиравме со Русите, а претседателот пред неколку недели изјави дека Русија ќе плати сериозна цена доколку употреби хемиско оружје“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност.
Велика Британија воведе санкции против шеесетина поединци и компании. Заменик-претседателот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев смета дека западните санкции ќе го обединат руското општество наместо да предизвикаат незадоволство кај народот од власта.
Маја С. Филдишев
