Зеленски очекува воена помош од западните земји
Продолжуваат нападите во Украина. Претседателот Зеленски очекува воена помош од западните земји за да им се спротивстави на руските сили. Американскиот претседател Џо Бајден од Варшава порача дека САД и натаму ќе ја поддржуваат Украина, а Русија ја предупреди да се држи настрана од територијата на НАТО.

Украинскиот град Лaвов на нишан на руските сили. Ракетните напади во последното деноноќие, во кои има и повредени, се сметаат за најжестоките од почетокот на инвазијата. Погодени се и складиште за гориво и воена фабрика.
„Проектилите паднаа околу 4 часот . 12 минути подоцна имаше многу силен звук и три напади. Првата ракета падна таму, па се случи вториот удар, а третиот ме турна на земја.“
Во Мариупољ веќе нема ни храна ни вода. Илјадници жители на Харков – вториот најнаселен град во Украина – наместо да побегнат, решија да се останат во подземните железници.
„Околу 700 луѓе се овде. Во првите денови имаше и до 2.000.“
Украинската војска на готовс во Миколаев откако руските сили продолжија да го опколуваат. Поради неговата позиционираност меѓу Крим и Одеса, овој град се смета за клучна локација.
„Ние се однесуваме како луѓе, но Русите постапуваат поинаку и ни ги бомбардираат градовите. Видете каков е Мариупољ, што направија со градот.“
Претседателот Зеленски со критика до западните земји кои, како што вели, воделе т.н. „пинг-понг“ дискусии околу тоа која треба да ја снабди Украина со борбени авиони и оружје.
„Украина не може да соборува руски проектили со пушки, со автоматски пушки. Невозможно е да го ослободиме Мариупољ без доволно тенкови, други оклопни возила, и особено без авиони“, изјави Зеленски.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно од Варшава ја потврди поддршката за Украина. На рускиот претседател Владимир Путин, кого го нарече и „касап“, му порача да се држи настрана од територијата на НАТО.
„Агресијата на Владимир Путин ве отсече од светот, и ја врати Русија во 19-тиот век. Ова не е рускиот народ. Не е иднината која ја заслужуваат вашите деца и семејства. Путин може и мора да ја запре војната“, рече американскиот претседател, Бајден.
Говорот го заврши велејќи дека Путин не може да остане на власт, што од медиумите и Кремљ беше протолкувано како повик за смена на режимот во Русија.
„Поентата на претседателот беше дека на Путин не може да му се дозволи да има власт над соседите или во регионот. Тој не го коментираше владеењето на Путин во Русија или промената на режимот“, се вели во појаснувањето од Белата куќа.
Маја С. Филдишев
