Во Турција нова рунда преговори меѓу Москва и Киев
Војната во Украина влегува во вториот месец од почетокот на руската инвазија. Најавена ново рунда преговори од денеска до среда во Турција. Претседателот Зеленски изрази подготвеност да се разговара за неутралноста на Украина и за статусот на регионот Домбас.

Новата рунда преговори меѓу Русија и Украина продолжува во Турција и ќе трае до среда. Приоритетите на Киев остануваат исти-суверенитет и територијален интегритет-изјави Зеленски. Додаде дека е подготвен за прогласување неутралност и да и понуди на Русија безбедносни гаранции, вклучително и статус без нуклеарно оружје, но само откако Путин ќе се сложи на тет-а-тет средба за да се најде договор за прекин на конфликтот.
„Претстои нова рунда преговори. Нашите приоритети се познати-суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина се несомнени. Ефективните безбедносни гаранции за нашата држава се задолжителни. Мораме да се договориме, а за да постигнеме договор, Путин мора да излезе оттаму на свои нозе и да дојде да се сретне со мене“, изјави претседателот Володимир Зеленски.
Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу се надева дека разговорите во Истанбул ќе донесат мир во Украина.
„Свесни сме за одговорностите кои произлегуваат од довербата што двете страни ја имаат во Турција. Се надеваме дека средбите ќе резултираат со траен прекин на огнот и ќе овозможат мир“ -напиша Чавушоглу на Твитер.
Во меѓувреме, бомбардирањата продолжуваат. Уништено село во близина на Киев. Луѓето се обидуваат да спасат што можат од под урнатините. Погодена е и локалната градинка.
„Би сакала сето ова да се среди, да има само мир и пријателство. Многу е тешко кога страдаат децата, до денес 135. Не е во ред. Децата не се виновни за ништо“, рече Светлана Грибовска воспитувачка на уништената градинка Каштан.
По претрпените значителни загуби, руските сили се повлекуваат од околината на Киев, се соочуваат со сериозен отпор-тврди украинската војска.
„Во моментов хеликоптери не прелетуваат, тие зазедоа одбранбени позиции. Многу од нив беа убиени. Веројатно мислеа дека ќе биде како Крим. Но, ова не е Крим“, изјави украинскиот војник Сергеј Удод.
Според градоначалникот на Чернобил Јуриј Формичев, руските војници го напуштиле и градот Славутуч, каде беа сместени работниците во нуклеарната централа.
Најновата проценка на економскиот универзитет во Киев вели дека материјалната штета предизвикана од војната во Украина досега изнесува околу 63 милијарди долари.
Бојана Крстевски
