Втор месец од почетокот на руската инвазија врз Украина
Војната во Украина влегува во вториот месец од почетокот на руската инвазија. Најавена нова рунда преговори меѓу Киев и Москва. Суверенитет и територијален интегритет – украинскиот претседател Зеленски ги подвлече црвените линии. На терен продолжуваат жестоките гранатирања и напади на руските сили.

Новата рунда преговори меѓу Москва и Киев продолжува утре во Турција и ќе трае до среда. Шефот на турската дипломатија Чавушоглу се надева на мир.
„Свесни сме за одговорностите кои произлегуваат од довербата што двете страни ја имаат во Турција. Се надеваме дека средбите ќе резултираат со траен прекин на огнот и ќе овозможат мир“ – напиша Чавушоглу на твитер.
За Киев, приоритетите остануваат исти-суверенитет и територијален интегритет. Зеленски вели дека е подготвен да прогласи неутралност и да и понуди на Русија безбедносни гаранции и статус без нуклеарно оружје, но само откако Путин ќе се сложи на тет-а-тет средба.
„Безбедносни гаранции и неутралност, статус без нуклеарно оружје-ние сме подготвени на тоа. Колку што се сеќавам, тоа беше првата и главна точка за руската федерација. Мора да се договориме со Путин, а за да дојдеме до договор потребно е тој да дојде да се сретне со мене“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
По коментарите на американскиот претседател Бајден дека неговиот руски колега Путин не може да остане на власт, се огласи и британскиот секретар за образование, Надим Захави.
„Јасно е дека се извршени воени злосторства бидејќи тие се насочени кон невини цивили. Мислам дека претседателот Бајден е во право кога вели дека за Путин нема место во Украина, но на крајот, сепак рускиот народ е тој што одлучува кој управува со нив“, изјави државниот секретар за образование во Велика Британија Надим Захави.
Белата куќа побрза да разјасни дека Бајден всушност не барал Путин да биде соборен од власт. И германскиот канцелар, истакна дека промената на режимот во Русија не е целта на НАТО.
„Тоа не е целта. И двајцата целосно се согласуваме дека „промената на режимот“ не е предмет или цел на политиката што ја водиме меѓусебно“, изјави канцеларот на Германија Олаф Шолц.
Во меѓувреме, интензивно се води битка во Доњецк. Руската војска се обидува да ги опколи украинските сили. Експлозии одекнаа во Лвов. Стратешки важниот град Миколаив е речиси под руска контрола, додека Мариупол е уништен и целосно раселен. Украинската војска тврди дека по жестокиот отпор, руските сили се повлекуваат од околината на Киев.
„Во моментов хеликоптери не прелетуваат, тие зазедоа одбранбени позиции. Многу од нив беа убиени. Веројатно мислеа дека ќе биде како Крим. Но, ова не е Крим“, рече украинскиот војник Сергеј Удод.
Луѓето се обидуваат да спасат што можат од под урнатините. Во гранатирањата погодена и локална градинка.
„Би сакала сето ова да се смири, да има само мир и пријателство. Многу е тешко кога страдаат децата, до денес 135. Не е во ред. Децата не се виновни за ништо“, рече Светлана Грибовска воспитувачка на уништената градинка Каштан.
Најновата проценка на економскиот универзитет во Киев вели дека материјалната штета предизвикана од војната во Украина досега изнесува 63 милијарди долари.
Бојана Крстевски
