„Оскарите“ засенети со скандал
Потресната приказна за лицата со оштетен слух „Кода“ – со оскар за најдобар филм. Џејн Кемпион за „Моќта на кучето“ го доби Оскарот за најдобар режисер. Гламурот на 94-та церемонијата за престижните филмски остварувања, засенет од шлаканицата на Вил Смит за водителот Крис Рок, кој се шегуваше на сметка на неговата сопруга...

Годинашното доделување на Оскарите мина со досега невиден скандал на холивудската церемонија која се одржа по 94-ти пат. Професионалниот успех на актерот Вил Смит кој доби награда за главната улога за „Кралот Ричард“ беше засенет од инцидент со колегата Крис Рок кој требаше да ја додели наградата за најдобар документарен филм. Откако познатиот комичар се пошегува на сметка на сопругата на Смит, Оскаровецот се појави на сцената и го удри. Рок го коментираше изгледот на Џејда Пинкет Смит, споредувајќи ја со Деми Мур во филмот „Џи Ај Џејн“ поради ќелавата глава. Џејда подолг период се бори со алопеција – болест од која се губи косата.
„Џејда, те сакам, едвај чекам да го гледам вториот дел од Џи-Ај Џејн“-рече Крис Рок.
Многумина првин помислија дека се работи за договорено сценарио, но реакциите на Џејда, но и на двајцата актери го докажуваат спротивното. Дел од медиумите известуваат дека скандалот е кулминација на нетрпението меѓу Рок и Смит кое датира одамна.
„Се шегував за улога во филмот“, рече Рок.
„Да не си го споменал името на жена ми!“, извика Вил Смит.
„Добро, така биде“, одговори Крис Рок.
Во својот говор, Смит им се извини на филмската академија и колегите кои беа номинирани во истата категорија, но не го спомена името на Рок.
„Уметноста го имитира животот. Изгледам како луд татко, исто како што велат за Ричард Вилијамс. Љубовта ве тера да правите луди нешта. Ви благодарам. Се надевам дека Академијата повторно ќе ме покани“, рече Вил Смит во својот говор.
Новитет годинава беше и водителското трио, за прв пат во женски состав од актерките Реџина Хол, Ејми Шумер и Ванда Сајкс.
Дел од свеченоста во театарот Долби беше посветен и на украинската криза. Присутните со едноминутен молк и барање помош за жртвите.
Во традиционалниот дел од настанот, филмот „Кода“ беше избран за најдобар. Оскар за најдобар режисер доби Џејн Кемпион за „Моќта на кучето“. Џесика Честејн прогласена за најдобра актерка за улогата во филмот „Очите на Теми Феј.“ Почесниот оскар за животно дело заврши во рацете на Семјуел Џексон.
Маја С. Филдишев
