Зеленски подготвен да прогласи неутралност
Украина ја менува политиката. Да запре војната, прифатлива е неутралноста, порачува Зеленски. За Лавров, руско-украинска средба на највисоко ниво само доколку има суштински договор. Четири градови се денешна цел на руските проектили…

Новата рунда преговори меѓу Москва и Киев продолжува утре во Турција и ќе трае до среда. Шефот на турската дипломатија Чавушоглу се надева на мир.
„Свесни сме за одговорностите кои произлегуваат од довербата што двете страни ја имаат во Турција. Се надеваме дека средбите ќе резултираат со траен прекин на огнот и ќе овозможат мир“, напиша Чавушоглу на Твитер.
За Киев, приоритетите остануваат исти-суверенитет и територијален интегритет. Зеленски вели дека е подготвен да прогласи неутралност и да и понуди на Русија безбедносни гаранции и статус без нуклеарно оружје, но само откако Путин ќе се сложи на тет-а-тет средба.
„Безбедносни гаранции и неутралност, статус без нуклеарно оружје-ние сме подготвени на тоа. Колку што се сеќавам, тоа беше првата и главна точка за Руската Федерација. Мора да се договориме со Путин, а за да дојдеме до договор потребно е тој да дојде да се сретне со мене“, нагласи Зеленски.
Кремљ реагира на понудата на Зеленски за неутралност. Лавров порача-средба само кога ќе има суштински договор.
„Путин никогаш не одбил да се сретне со претседателот Зеленски. Единственото нешто што тој го смета за суштинско е овие состаноци да бидат добро подготвени. Состанок за размена на мислења во моментов, едноставно е контрапродуктивен“, нагласи рускиот шеф на дипломатија, Лавров.
По коментарите на американскиот претседател Бајден дека неговиот руски колега Путин не може да остане на власт, Белата куќа побрза да разјасни дека Бајден всушност не барал Путин да биде соборен од власт. И германскиот канцелар, истакна дека промента на режимот во Русија не е целта на НАТО.
„Тоа не е целта. И двајцата целосно се согласуваме дека „промената на режимот“ не е предмет или цел на политиката што ја водиме меѓусебно“, нагласи Олаф Шолц, канцелар на Германија.
Во меѓувреме, интензивно се води битка во Доњецк. Руската војска се обидува да ги опколи украинските сили. Експлозии одекнаа во Лвов. Стратешки важниот град Миколаив е речиси под руска контрола, додека Мариупол е уништен и целосно раселен. Украинската војска тврди дека по жестокиот отпор, руските сили се повлекуваат од околината на Киев.
„Во моментов хеликоптери не прелетуваат, тие зазедоа одбранбени позиции. Многу од нив беа убиени. Веројатно мислеа дека ќе биде како Крим. Но, ова не е Крим“, вели Сергеј Удод, украински војник.
Луѓето се обидуваат да спасат што можат од под урнатините. Во гранатирањата погодена и локална градинка.
„Би сакала сето ова да се смири, да има само мир и пријателство. Многу е тешко кога страдаат децата, до денес 135. Не е во ред. Децата не се виновни за ништо“, вели Светлана Грибовска, воспитувачка на уништената градинка Каштан.
Најновата процена на економскиот универзитет во Киев вели дека материјалната штета предизвикана од војната во Украина досега изнесува 63 милијарди долари.
Бојана Крстевски
