Пендаровски во Штип: Ќе бидам адвокат на граѓанските интереси

06.04.2014 14:10

И пред штипјани, Пендаровски се осврна на трите точки од неговата програма во која се предвидува пораст во економијата, владеење на демократските принципи и подобрување на демографската слика...

Граѓанинот пред се, човекот во центарот на нашиот интерес... вака кандидатот за претседател на Социјал демократскиот сојуз, Стево Пендаровски го започна митингот во Штип. Пред присутните го објасни неговиот концепт за државата.

Концептот е да му пријдам на граѓанинот, на индивидуата со име и презиме, не зависно од вера, нација, и партиска припадност, рече пред штипјани Стево Пендаровски. Пред присутните граѓани потенцира дека ќе се залага за меѓуетничките односи.

Според него, македонецот, албанецот, србинот, бошњакот, ромот, турчинот... сите заедно,  треба да ги решаваат прашањата кои се во интерес на државата.

И пред штипјани, Пендаровски се осврна на трите точки од неговата програма во која се предвидува пораст во економијата, владеење на демократските принципи и подобрување на демографската слика.  За спорот со името кандидатот за претседател на опозициската СДСМ и пред штипјани повтори дека тој досега не преговарал за името и неможел да биде ни тврд ни флексибилен по тоа прашање.

Стево Пендаровски рече дека победникот мора да води сметка и за оние кои не гласале за него, вклучително и оние кои воопшто не гласале. Според него претседателот се избира од народот и затоа тој работи  во интерес на народот и директно е одговорен пред граѓаните. Вели дека ќе биде адвокат на граѓанските интереси.

Според претседателскиот кандидат на СДСМ, ни една изборна победа нема да вреди ако Македонија е поразена. тој вели дека претседателот треба да одговори на сите предизвици и треба да е двигател на сите процеси во државата. Приоритетите на Пендаровски според неговата програма се интегрирање на Македонија во НАТО и во Европската унија.

Во програмата на Пендаровски е издвоено и тоа дека уставот треба да се почитуваа слободите и правата се исклучително значаен сегмент. На прашање од штипјани што за него значи слободата, Пендаровски рече дека слободата нема цена.

Не смее никој да го прескокнува Уставот,  а тој ќе се спротиставел секогаш кога би биле повредени начелата, духот и нормите на Уставот. Тврди дека ќе се залага за демократски вредности, човечко достоинство и граѓански слободи.

Во една држава според кандидатот за претседател на Социјал демократскиот сојуз мора да владеат правото и демократијата, правосудството, полицијата и сите институции на власта не смеат да не ја гарантираат правната сигурност за луѓето и за правните субјекти.

Пендаровски смета дека успешен претседател е оној кој придонел за решавањето на проблемите во државата.  Според неговата програма поделбите се најголем непријател во една држава и вели дека ќе застане на патот на поделбите и активно ќе работи на обединување на луѓето околу заедничките цели.

Ана Јосифоска