Детските солзи секојдневие во Украина
Детските солзи секојдневие во Украина. Желбата за живот посилна од смртта, но последиците се неминовни...

Војната има две страни и еден ужас. Народот никој пат не би ја избрал војната, но секој пат е оној кој страда и губи меѓу два огна. Сликите не се забораваат ниту кога очите ќе се затворат.
„Видовме тела како лежат насекаде. Само некои од нив беа покриени со ќебиња“, рече Вика Павленко бегалец од Мариупол.
Тешко излегуваат зборовите кога се раскажува за ужасот.
„Спиевме кога нападите зачестија. Решивме да влеземе во ходникот каде што се криевме претходно. Mајка ми го зеде јорганот и ѝ реков да оди, јас го понесов душекот, тргнав по неа. тогаш не знам што се случи-лежев, главата ми беше погодена од нешто. Jа слушнав како вреска, се обидов да викнам „жива сум“, но ништо не разбрав. амо лежев. Не знаев зошто паднав, ниту што падна врз мене“, рече Вика Павленко бегалец од Мариупол.
Детските очи безнадежно полни со солзи поради војната.
„Уморен сум и моите играчки немаат батерија. Прозорците ни се скршија во куќата. И кај баба и дедо, се изгоре“, вели момче.
Мариупол-опустошен. Немо сведочи за немилосрдните гранатирања кои се чини не поштедија ниту една куќа. Околу 100 илјади украинци сè уште се заложници на војната. Градоначалникот Боиченко, побара безбедни патишта за евакуација на жителите. Ја повика меѓународната заедница да помогне.
„Храната и водата се при крај. Сакаме да ја повикаме меѓународната заедница да проговори гласно. Сакаме да се обединат само за една цел. Ги молам да ги спасат луѓето овде“, изјави градоначалникот на Мариупол Вадим Боиченко.
Гаранции за безбеден премин за испорака на залихи до Мариупол и другите опколени градови бараат и од Светската здравствена организација.
„Продолжуваме да бараме гаранции за безбедна испорака на залихи. Издадовме и упатства за донации, вклучително и список на критични залихи за кои е итно потребна поддршка. Навредени сме што нападите врз здравствените објекти продолжува. Веднаш престанете“, изјави генералниот директор на СЗО Аданом Гебрејесус.
Според последните информации на ООН повеќе од 4 милиони луѓе ја напуштиле земјата. Над шест милиони се внатрешно раселени. Најмногу бегалци примила Полска. Веднаш зад неа се Романија, Молдавија и Унгарија.
Бојана Крстевски
