Украина бомбардираше нафтено складиште во рускиот град Белгород
Украина нападна во Русија. Гувернерот на рускиот град Белгород обвини дека руски хеликоптери бомбардирале нафтени складишта. Нуклеарната централа повторно е во рацете на Украина. Властите во Киев јавуваат за повлекување на руските трупи од Чернобил. Закажана нова рунда преговори.

Украина нападна на руска територија. Со борбени хеликоптери бомбардираше нафтено складиште во рускиот град Белгород, обвини рускиот гувернер. Белгород е стратегиски центар од каде што руските сили се снабдуваат со нафта. Нуклеарната централа Чернобил, пак, повторно е вратена на украинските сили, потврди меѓународната агенција за атомска енергија. Руските војници заминале од Чернобил откако биле изложени на висока радијација. Претседателот Зеленски предупредува – состојбата во источна Украина е исклучително тешка. Во наредните денови руските сили жестоко ќе напаѓаат во тој дел од земјата. Соопшти дека е регистрирана акумулација на руски трупи кои ќе го нападнат Донбас.
„Ситуацијата на југ и во Донбас останува исклучително тешка. Напаѓачите ја распределуваат својата болна креативност на привремено окупираните области на регионот Керсон. Тие се обидуваат да организираат дел од нивните структури, се обидуваат да го консолидираат нивното присуство таму. Се разбира, тоа е нема да им успее“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Руските трупи се прегрупираат, се зголемуваат нападите на истокот на земјата, јавуваат западни медиуми. Жестоки борби се очекуваат во Доњецк и Луганск. Руските гранати паѓаат и во околината на Харков. Во Мариупол е најавено спроведување хуманитарен коридор за извлекување на цивилите од градот под руска опсада. Засега во градот и натаму се водат жестоки борби. За денеска е предвидена и нова рунда преговори меѓу Русија и Украина која ќе се одржи онлајн. Од денеска стапува на сила и ултиматумот за гас на рускиот претседател Путин со кој тој ќе може да се плати само со руски рублји. Во спротивно снабдувањето со руски гас ќе биде прекинато. По ултиматумот на Путин, Велика Британија, Германија, Франција и Холандија децидни дека нема да се согласат со него.
Маја Стојанова
