Чернобил повторно е во рацете на Украина
Гувернерот на рускиот град Белгород обвини дека руски хеликоптери бомбардирале нафтени складишта. Нуклеарната централа Чернобил повторно е во рацете на Украина. Лидерите на Европската унија на виртуелен самит со кинеските државници. Во фокусот состојбата во Украина. Продолжуваат и мировните преговори меѓу Киев и Москва.

По повеќе од еден месец од почетокот на војната, руските трупи се прегрупираат кон истокот на Украина. Жестоки борби се очекуваат во Доњецк и Луганск. Руските гранати паѓаат и во околината на Харков. Во Мариупол е најавен хуманитарен коридор за извлекување на цивилите, но засега нападите не прекинуваат. Запрено е напредувањето на руските сили во предградијата на Киев, како и во Херсон и Чернихив, но ситуацијата на југот од земјата во регионот Домбас и натаму останува исклучително тешка, предупреди украинскиот претседател Зеленски.
„Ситуацијата на југ и во Донбас останува исклучително тешка. Напаѓачите ја распределуваат својата болна креативност на привремено окупираните области на регионот Керсон. Тие се обидуваат да организираат дел од нивните структури, се обидуваат да го консолидираат нивното присуство таму. Се разбира, тоа е нема да им успее“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Москва ја обвини Украина дека нападнала руска територија. Со борбени хеликоптери гранатирано е нафтено складиште во Белгород, стратегиски центар од каде што руските сили се снабдуваат со нафта. Нуклеарната централа Чернобил е повторно во рацете на украинските сили, потврди меѓународната агенција за атомска енергија. Руските војници заминале откако биле изложени на висока радијација. Западот продолжува со економскиот притисок врз Москва. САД воведоа нов сет санкции кон Русија.
„Објавуваме дополнителни санкции за руските технолошки компании кои помагаат во војната на Путин. Ќе ги спречиме да набавуваат западна технологија, исто така се прошируваат санкциите за таргетирани сектори во руската економија кои се важни за Путин, меѓу кои и за воздушниот, поморскиот и електронскиот сектор“, изјави портпаролката на Белата куќа Кејт Бедингфилд.
Русија се закани со реципрочни мерки кон непријателските земји. Европската унија не е центар на вселената, рече шефот на одделот за Европска соработка во руското МНР. Во пресрет на самитот ЕУ-Кина предупредување од шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен. Каква било поддршка од Пекинг за Русија за нападот врз Украина сериозно ќе го наруши угледот на Кина во Европа. Борбите продолжуваат, но и обидите да се најде решение преку дипломатски пат со нова рунда преговори меѓу Киев и Москва.
Маја Стојанова
