Москва и Киев на нови преговори, борбите продолжуваат
Москва и Киев на нови преговори, овојпат онлајн. Борбите продолжуваат. Гувернерот на рускиот град Белгород соопшти дека украински хеликоптери нападнале складиште за нафта. Зеленски предупреди на ситуацијата на југот и на истокот на земјата, која е исклучително тешка. Украинците го вратиле Чернобил под нивна контрола. Во најтешко гранатираниот Мариупол, нов обид да извлекување на населението преку хуманитарни коридори. Засега нема прекин на испораката на гас...

Украинската влада обвинува - руските сили блокираат автобуси и конфискуваат тони хуманитарна помош за Мариупол. Околу 2.000 лица чекаат да бидат евакуирани.
„За жал, окупаторите ја зедоа хуманитарната помош. 14 тони храна и лекови. Ова е цената на договорите, на гаранциите за Црвениот крст дека хуманитарните коридори ќе функционираат. Преговараме за враќање на автобусите за да можат утре жителите на Мариупол да тргнат за Запорожје“, изјави Ирина Верешчук, вицепремиер на Украина.
По истанбулските, нова рунда преговори во онлајн формат. Москва смета дека е постигнат одреден напредок. За руското МНР, кризата во Украина е прашање на светскиот поредок.
„Подготвуваме одговор, одиме напред, првенствено во однос на признавањето на невозможноста Украина да биде членка на блокот, и да ја бара среќата во НАТО. Ова е многу повеќе од воена операција. Многу повеќе од неутрална Украина и безбедносни гаранции. Ова е прашање на светскиот поредок“, рече министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.
Рускиот претседател Путин во телефонски разговор со турскиот колега Ердоган. Претседателката на Европскиот парламент Роберта Метцола во посета на Киев. Европската унија и кинеските лидери на прв самит во последните две години. Пекинг инсистира да се задржи неутралниот став за кризата.
На терен, нови пресметки. Од Кремљ реакција за нападот врз складиштето за гориво во рускиот град Белгород, кој според Москва, е дело на украински хеликоптери. Киев без коментар.
„Ова секако не може да се толкува како позитивна клима за продолжување на разговорите“, рече Дмитриј Песков, портпатол на Кремљ.
Властите прават напори за да се реорганизира синџирот на снабдување со гориво.Во меѓувреме, руски „Гаспром“ продолжува да ја снабдува Европа со природен гас преку Украина во согласност со барањата на европските купувачи.
Маја С. Филдишев
