Евровизиската промотивна турнеја во полн ек
Во срцето на Лондон, веднаш до Хајд Парк, во култниот Хард Рок хотел познат по воздигнувањето на музиката како моќна сила која никогаш не застарува, Андреа ја делеше сцената со уште 30-тина артисти од Европа, актуелни и поранешни евровизиски претставници...

Сезоната на евровизиски концерти започна како предвесник на големото шоу во мај. Нашата евровизиска претставничка Андреа ја започна промотивната турнеја низ Европа. Прва дестинација на агендата беше Лондон, кој е домаќин и основач на најстарата предевровизиска забава.
Во срцето на Лондон, веднаш до Хајд Парк, во култниот Хард Рок хотел познат по воздигнувањето на музиката како моќна сила која никогаш не застарува, Андреа ја делеше сцената со уште 30-тина артисти од Европа, актуелни и поранешни евровизиски претставници.
„Публиката во Лондон направи да се чувствувам како дома. Ја пееја Circles со мене во еден глас, а организацијата ни приреди одличен престој“ – изјави Андреа.
Во публика, а и зад сцената, нашата Андреа доби поддршка и од актуелната македонска амбасадорка во Лондон, г-ѓа Александра Миовска, како и од македонските претставници на Евровизија од 2018-та година Eye Cue кои исто така настапија на забавата.
Видео од изведбата на Circles во живо и атмосферата во салата во Хард Рок наскоро ќе биде објавено на еден од најрелевантните евровизиски портали WIWIBLOGGS, кој беше и официјален партнер на Лондонската предевровизиска забава.
Покрај настапот, Андреа оствари сесија интервјуа во прес- центарот на настанот, како дел од агендата.
Евровизиската турнеја продолжува во Тел Авив на Israel Calling – предевровизиската забава која важи за една од највозбудливите со оглед на тоа што за Израел се вели дека е земја која живее за Евровизија. Андреа ќе настапи во големата Менора Мивтахим Арена на 7-ми април.
