„Пејзажи на восхитот“ самостојна изложба на Дарко Алексовски во МСУ
„Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција) составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат. Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов...

Во петок ќе биде отворена самостојната изложба „Пејзажи на восхитот“ (Landscapes of Astonishment) на уметникот Дарко Алексовски, еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници. Наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност - Скопје.
Изложбата ја курираат: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
„Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција) составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат. Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање, соопштуваат од Музејот.
Како што вели Алексовски, оваа изложба е збир од дела настанати во изминативе неколку месеци, чии почетни точки се литературни и визуелни референци, но се надоврзуваат на дела кои ги работи уште од 2020 година.
