Украина

Русите целосно се повлекоа од Киев и Чернихив

07.04.2022 09:37

Пентагон тврди дека руските сили целосно се повлекле од регионите на Киев и Чернихив. Претседателот Зеленски ги повика руските граѓани да протестираат по појавата на фотографиите од телата во киевското предградие Буча. Во ОН поднесена резолуција за отстранување на Русија од Советот за човекови права…

Пентагон соопшти дека руските сили се повлекле од регионите на Киев и Чернихив. Ова следува откако Москва објави дека ќе ги фокусира своите напори на источниот регион Донбас.

„Тие го завршиле повлекувањето со цел повторно да се консолидираат и опремат во Белорусија и Русија. Моментално нема присуство на руски трупи во и околу Киев и Чернихив. Русите имаат контрола врз некои мали населени места, но засега го немаат заземено Харкив“, рече Џон Кирбипортпарол на Пентагон

Украинската војска во изминатите 24 часа 6 пати ја гранатирала територијата на самопрогласената народна република Луганск.

Претседателот Зеленски ги повика руските граѓани да протестираат против војната по појавата на фотографиите од телата во киевското предградие Буча.

„Ако се залагате за мир, ако барем малку се срамите од работите што руските трупи ги прават во Украина, за овие руски граѓани, сега е клучен момент. Неопходно е да се бара крај на војната. Подобро е да се соочиме со руската репресивна машина сега и да се изгуби нешто што бара мир, отколку да бидеш еднаков со фашистите до крајот на животот“, нагласи Зеленски.

Зеленски рече дека Москва нема да ја избегне одговорноста за големиот број украинци убиени во војната, и дека има сознанија за илјадници исчезнати луѓе.

САД и другите земји поднесоа резолуција за отстранување на Русија од Советот за човекови права на ОН.

Марина Ристова