Претставата „Мајка“ премиерно во Битолскиот театар
Битолскиот народен театар утревечер со премиерата ,,Мајка“, во режија на Благој Мицевски, носи уште една свежина во нашиот театарски живот. Тоа ќе биде прва претстава на македонската театарска сцена работена по текст на Флоријан Зелер кој важи за еден од водечките француски и светски живи автори. Претставата е дел од неговата трилогија „Мајка“, „Татко“ и „Син“.

Битолскиот ансамбл утревечер за прв пат на македонската театарска сцена поставува претстава работена по текст на Флоријан Зелер. „Мајка“ е дел од трилогија мајка-татко-син на францускиот драматург, режисер и актер кој пред две години освои оскар за текстот „Татко“. Режисерот на претставата, Благоја Мицевски вели дека за време на пандемиската пауза се запознал со делата на Зелер и е вистински предизвик да се твори по текст на автор чии претстави се играат низ целиот свет.
Претставата се занимава со проблемите на едно семејство каде до израз доаѓа улогата на мајката кога се нарушува целовитоста на семејството и од хармонично се претвора во едно неавтентично семејство.
Премиерата е финансирана од сопстевени средства и финансиска помош на Францускиот институт и алијанса за авторските права на текстот. Ова трета годинешна премиера по ред и зголемениот број на посетители охрабрувачки навестуваат дека театарски живот полека се враќа во нормалниот колосек.
Стевче Митревски
