Војна

Зеленски предупредува, Русија продолжува со нападите

10.04.2022 17:06

„Руската агресија не е само врз Уукраина туку врз цела Eвропа“ – вели Зеленски и го повика демократскиот свет да воведе ембарго за гасот и нафтата. Руската војска продолжи со нападите. Папата испрати порака за прекин на огнот и враќање на мирот...

Не стивнуваат воените дејствија во Украина. Руското министерство за одбрана изврши ракетен напад врз седиштето на украински баталјон во областа  Днепропетровск. Велат дека целосно е уништен  неговиот штаб. Биле соборени 8 украински беспилотни летала.

„Вооружените сили на Руската Федерација продолжуваат да ја  спроведуваат специјалната воена операција во Украина. Во текот на ноќта во селото Звонецкоје, ракети со висока прецизност го уништија штабот и базата на националистичкиот баталјон „Днепр“, каде пред некој ден пристигна засилување од странски платеници“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Мета на руската агресија е цела Европа, а запирањето на инвазијата врз Украина е од суштинско значење за безбедноста на сите демократии, изјави претседателот на Украина Зеленски. Тој уште еднаш повика на ембарго на рускиот гас и нафта, бидејќи како што рече, тоа е начин да се изврши притисок врз Русија и да се стави крај на војната.

„Кога тиранијата започнува агресија против сè што го одржува мирот во Европа, мора веднаш да се делува. Ембаргото за нафта треба да биде прв чекор, на ниво на сите демократии. Тогаш Русија ќе го почувствува тоа. Ќе биде аргумент за нив да бараат мир и да запрат со бесмисленото насилство“, реле украинскиот претседател Зеленски.

Урнатините во селото Хостомел во близина на Киев сведочат за борбата меѓу силите на завојуваните страни. 50 насто од инфрастуктурата е целосно уништена.

„Бевме дома. Кога ја погодија нашата зграда, сите ѕидови се тресеа. Имаше артилерија и секој пат пукаа по 40 проектили одеднаш. Не знам од каде ги добија сите тие проектили“, изјави жител на селото.

Порака за мир во Украина испрати и папата Франциск.

„Спуштете го оружјето, прогласете прекин на огнот. Нека започне велигденското примирје. Но, не за повторно вооружување и продолжување на борбите, туку за постигнување мир во вистински преговори“, нагласи папата Франциск.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави дека Киев ќе обезбеди 9 хуманитарни коридори за да им помогне на луѓето да избегаат од источниот дел на земјата. За поддршка на Украина со меѓународна донаторска кампања се собрани 10,1 милијарди евра.

Анита Димитријевска Велковска