Во Амстердам изложба на слики со мотиви од Струга
Колекцијата слики со автентични цветни мотиви од Струга на познатата уметница Лида Шерафатманд промовирана на изложба во Амстердам, под наслов „Земјата на чудата“. Изложбата послужи за туристичка промоција на градот на мостовите во Холандија, но и испраќање на порака за мир во Украина.

Цвеќињата од струшка Јабланица претставени на изложба во Амстердам. Познатата уметница Лида Шерафатманд, која три години живее и твори во Струга, преку својата колекција слики со цветни мотиви под наслов „Земјата на чудата“ го промовираше градот на мостовите во Холандија.
Посетителите биле фасцинирани од автентичните и ендемични цвеќиња од нашето поднебје.
„Посетителите беа интригирани тие беа љубопитни и сакаат да ја посетат Струга. Им кажав за убавата природа, за богатата флора и фауна која егзистира на овие простори. Се надевам дека овој град ќе им биде следна дестинација“, вели Лида Шерафатманд уметница.
На изложбата беше испратена и порака за мир во Украина. Шерафатманд е родена во Иран, војната ја почувствувала на свои три години, кога ја нацртала првата слика со мировна порака.
„Паметам како дете кога нас не бомбардираа, гледав кон небото барајќи го Бог прашував што згрешивме па не казнува. Можам да замислам колку илјади деца денес во Украина и во други делови во светот го прашуваат истото прашање“, додава Шерафатманд.
Колекцијата од 25 слики на автентичните цвеќиња од Јабланица ќе бидат подарок за Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга.
Соња Рилковска
