Македонија

Балетот „Жизел“ на сцената на НОБ

13.04.2022 11:21

Во петок, 15 април, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе романтичниот балет во два чина „Жизел“...

Во петок, 15 април,  на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе романтичниот балет во два чина „Жизел“, со почеток во 20 ч.

Романтичниот балет  од францускиот балетски и оперски композитор Адолф Адам од  неговата прва изведба во Париз 1841 година па до денес, еден е од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување. Oригиналната  кореографија ја потпишуваат  Жан Корали и Жил Перо.

Во оваа магична и безвременска приказна за трагичната љубов на младата и убава селанка, преточена во музиката на францускиот композитор Адолф Адам, ликот на Жизел ќе го игра примабалерината Мими Поп Алексова Атанасовска. Адаптацијата на кореографијата ја направи Ирена Пасариќ од Хрватска, а во другите улоги настапуваат: Васил Чичијашвили од Грузија како Алберт, Ивана Коцевска како Мирта а улогата на Хиларион ќе ја толкува Игор Веланоски, селско па де де го изведуваат: Христина Наќевска и Ендру Кук  од Англија.

Настапува оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.