Награда за претседателот Иванов од Фондот за американски студии

08.04.2014 09:28

Македонскиот Претседател Ѓорге Иванов е добитник на Наградата за слобода за 2014-та на Фондот за американски студии од Вашингтон формиран во 1967-та со цел да развива студенски програми за САД, Европа, Јужна Америка, Азија и Блискиот Исток во областа на слободата и слободната економија. Добитниците се лидери од Југоисточна Европа коишто придонеле за демократијата и слободата...

Фондот за американски студии од Вашингтон му ја додели годишната награда за слобода на Претседателот Ѓорге Иванов. Наградата ќе му биде официјално врачена во Прага од страна на Американскиот Институт за политички и економски системи.

„Членовите на Бордот на Фондот за американски студии ги следи лидерите во Централна и Југоисточна Европа и бара личности коишто ги имаат истите вредности како и нашата организација. Го избравме Претседателот Иванов поради неговите достигнувања и промоција на слободната економија во земјата, напредокот во намалувањето на даноците и невработеноста, зголемувањето на транспарентноста, унапредувањето на јавното образование. Сите овие работи го прават Претседателот Иванов одличен пример за нашите студенти, за другите држави во регионот и во светот“, изјави Стив Слејтери, Потретседател на Фондот за американски студии.

Оваа престижна награда се доделува на личности коишто придонесуваат за слободата и слободните економски пазари во светот. Меѓу добитниците на оваа награда што се доделува од 1994-та, се поранешниот Претседател на Чешка Вацлав Клаус, полскиот Претседател Лех Валенса, српскиот Претседател Борис Тадиќ, премиерите на Србија, Словенија, Хрватска и Унгарија, Зоран ЃинЃик, Јанез Дрновшек, Иво Санадер и Виктор Орбан. 

Наградата за слобода на Фондот за американски студии официјално ќе му биде врачена на Претседателот Иванов на 4-ти август во Прага.

Ирина Гелевска- постојан дописник за МРТ од Вашингтон