Експлозии во Киев и Лавив, објавен бројот на загинати војници
52-ри ден од руската инвазија во Украина. Повторно експлозии во Киев и во Лавив. Тешко е да се предвиди кога ќе заврши војната, вели Зеленски. Москва со предупредување кон Западот – следуваат тешки последици доколку продолжи вооружувањето на Украина...

Руската инвазија на Украина влезе во 52-ри ден. Претседателот Зеленски изјави дека досега загинале околу 3 илјади украински војници, а десетици илјади се повредени.
Обединетото Кралство рече дека оштетувањето на транспортната инфраструктура на Украина е „значаен предизвик“ за секој што се обидува да достави хуманитарна помош во земјата.
Експлозии одекнаа рано изутрината во главниот град на Украина Киев и Лавив, во западна Украина.
Голема експлозија одекна во источниот град Краматорск, каде што во ракетен напад врз железничка станица една недела претходно загинаа најмалку 59 луѓе, додека илјадници чекаа да се евакуираат.
„Линијата на фронтот се поместува, се приближува, а јас навистина не сакам да се најдам на линијата на фронтот. Да седам без светлина или гас. Сакаме да си заминеме од овде“, вели жител на Краматорск.
„Чувствувам малку паника. Загриженост за роднините и блиските луѓе, за мојот град. Навистина не сакам да биде уништен. Не сакаме да трчаме во подрумот секогаш кога ќе се огласи аларм“, рече жител на Краматорск.
„Пред ова сè беше одлично. Нашите пријатели ќе заминат и нашите роднини. Сите заминаа, дури и од улицата“.
Најжестоките борби се водат во пристанишниот град Мариупол.
Украинскиот претседател Зеленски рече дека е тешко да се предвиди колку долго ќе трае војната. Потврди дека успехот на украинската војска е значаен.
„Ако некој рече година или години, јас одговарам: можете да ја направите војната многу пократка. Колку повеќе и побрзо го добиеме целото оружје што го побаравме, толку ќе биде посилна нашата позиција и толку побрзо ќе дојде мирот. Санкциите против Русија се многу значајни. Економски болни. Но, сепак не се доволни за руската воена машина да остане без средства за егзистенција“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Русија и формално ги предупреди САД и нивните сојузници дека би можело да има непредвидливи последици ако продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје. Предупредувањето доаѓа откако Бајден одобри нова воена помош за Украина во вредност од 800 милиони долари, која првпат вклучува артилерија со долг дострел.
Марина Ристова
