Французите не сакаат да им се каже како да гласаат
Една недела пред вториот круг на претседателските избори во Франција, иако испитувањата на јавното мислење го даваат актуелниот претседател Емануел Макрон фаворит наспроти Марин Ле Пен, пратеничката Карол Гранджан од редовите на досегашното претседателско мнозинство, предупредува во интервјуто за МРТ, дека Французите не сакаат да им се кажува за кого треба да гласаат и дека секој глас е важен. Таа се осврнува и на идното проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, кое според неа треба да се прави по различни основи, но со гаранција за единството на ЕУ...

Карол Гранджан, беше пратеничка од редовите на Републиката во Марш во изминатите пет години, за Македонската радио и телевизија таа ги дава своите видувања за очекувањата од претседателската кампања и за перспективите за земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ.
„Ние се наоѓаме во еден одлучувачки момент за Франција и Европа, би рекла и за меѓународната сцена, кој се однесува на подготовката за иднината и за вистинска подготовка на нациите за општиот демократски процес. Навистина денес ја чувствуваме особено тежината на демократските влогови, се разбира тоа го има на секои избори, и сите избори се важни за демократскиот национален процес. Но претседателските избори со меѓународните влогови и украинскиот конфликт покажува до која точка се кревки демократските процеси. Мислевме дека војните се зад нас, дека тоа нема да ја стигне Франција и блиските земји. Затоа мислам дека секој Французин треба да излезе и да го даде своето мислење за иднината на Франција, која треба да заземе важни позиции на меѓународен план. Затоа сметаме на мобилизацијата на Французите за да го изразат нивното мислење и визија“, рече Гранджан.
Дали по овие избори ќе имаме рекомпонирање на политичката сцена во Франција, по таа започната во 2017 година со изборот на Емануел Макрон?
„Во суштина веќе се наоѓаме во обратен процес, актуелниот претседател кој е и кандидат за реизбор, поведе постапка за претходно обединување и мислам дека ако е избран, ќе има волја за собирање-обединување на различни партии од левицата и десницата. Ние го направивме спротивниот избор на обединување, отколку на поделби особено во овој невообичаен моментум“, вели Гранжан.
Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека резултатот од изборите е веќе познат, дали се согласувате со тоа?
„Французите не сакаат некој да им ги укради нивните избори, не поднесуваат да им се објаснува како и што треба да гласаат во недела. Верувам и во кревкоста на овие испитувања, во момент кога се следи апстиненцијата, мислам дека секој глас ќе биде важен. Го гледаме при секои избори дека некогаш само неколку гласови одлучуваат за резултатот. Затоа секој глас е важен, особено за претседателските избори“, истакна таа.
Г-ѓо Гранджан што можеме да очекуваме од новоизбраниот француски претседател за земјите од Западен Балкан, особено Северна Македонија која е кандидатка од 2005 и има позитивно мислење за почеток на преговорите од 2009 година, ова во контекст на случувањата во Украина.
„Гледаме колку Европа е сложен и апсолутно еволутивен процес. Мислам дека секоја земја која денес сака да влезе во ЕУ, е во добронамерна постапка кон нас, но исто и ние кон неа. Сепак, апсолутно е потребно да се исполнат извесен број на услови, обврски, вредности и принципи, кои се републикански, демократски и почитување на човековите права. Тоа Европа треба да биде сигурна дека е гарантирано за денешните и утрешните членки на Унијата. Во суштина проширувањето на ЕУ може да се прави врз различни основи, да се види со овие земји како сакаат да ја продолжат еволуцијата за да се приклучат на европските вредности, кои се гаранција на нашето единство, тука мислам на Брегзит и на други екстремистички гласања кои ги имавме во ЕУ. Ние гледаме колку европјаните се загрижени за иднината на Европа и колку имаме потреба да се обединиме околу вредности и принципи од кои ниту една земја членка не треба да се откажува“, заклучи Гранджан.
Тони Гламчевски
