Претседателски, парламентарни и избори за град Белград

Во Србија денес повторно се гласа на 93 избирачки места

16.04.2022 19:06

По одлука на Републичката изборна комисија за повторување на изборите одржани на 3 април на оние избирачки места каде гласањето е поништено, денес во Србија повторно се гласа на вкупно 93 избирачки места на претседателските, парламентарните и изборите за Собрание на Град Белград...

По одлука на Републичката изборна комисија за повторување на изборите одржани на 3 април на оние избирачки места каде гласањето е поништено, денес во Србија повторно се гласа на вкупно 93 избирачки места на претседателските, парламентарните и изборите за Собрание на Град Белград.

Повторно се гласаа на 54 изборни места за парламентарните и на 35 места за претседателските избори.

Кога се во прашање изборите за Собрание на Град Белград, изборите ќе се повторат на вкупно шест избирачки места. Во Белград денес гласањето се повторува на четири избирачки места, и на 21 април на две места. Вкупниот број на гласачи на четирите избирачки места е 5.803.

Имајќи го предвид вкупниот број гласачи што можат да излезат на гласање, теоретски листата „Ајде луѓе“ на поранешниот претседател Борис Тадиќ има шанси да го помине изборниот цензус од 3 отсто, што во случај да се случи, две места помалку од досега ќе добие Српската напредна странка (СНС) и едно место помалку опозициската Обединети за Белград.

Ова може да влијае на партиските комбинаторики околу изборот на новата градска власт во Белград, како и на можната коалиција меѓу СНС и социјалистите на Дачиќ, со влијание на нивното коалицирање и во парламентот, како и на можноста опозицијата да ја освои градската власт.

Од друга страна, повтореното гласање на парламентарните и претседателски избори нема да има влијае на конечните резултатите, особено не на повторениот избор на Александар Вучиќ за претседател на Србија.

Според законските норми и изјавата на претседателот Вучиќ, изборот и изгледот на новата српска Влада може да се очекува до почетокот на август.

Оливер Бранковиќ