Воен конфликт

Руски ултиматум до бранителите на Мариупол

17.04.2022 10:54

Жестоките борби во источна Украина не запираат. Ситуацијата во Мариупол е многу тешка, предупредува украинскиот претседател Зеленски. Руското Министерство за одбрана со ултиматум до украинските сили во Мариупол. Бараат да го положат оружјето...

Руското Министерство за одбрана постави ултиматум до украинските сили во Мариупол да го положат оружјето. Бараат украинците да кренат бели знамиња. Во соопштението се вели дека доколку го остават оружјето нивниот живот ќе биде загарантиран.

Украинскиот претседател Зеленски изјави дека ситуацијата во Мариупол е многу тешка. Рече дека украинските војници се блокирани, но дека сепак се бранат.

„Ситуацијата во Мариупол останува максимално тешка и нехумана. Ова го направи руската федерација. Намерно го направи тоа и намерно продолжува да уништува градови. Се обидува да ги уништи сите што се во Мариупол. Има само два начина да се справиме со ситуацијата. Или со борба или со дипломатија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

30-ина цивили биле пренесени во болница во Харков по нападот на руските сили.

„Сите викаа, легнете на земја, паднав и во почетокот ништо не почувствував, а потоа видов дека крвта ми тече од левата нога веднаш под коленото“, рече пациентка од болницата во Харков.

„Немавме ни време да реагираме и да истрчаме до зградата, се појави чад, веднаш се обидовме да се скриеме со соседите под клупите, под масите, работите што беа наоколу. Се обидовме да се скриеме, но за жал не без загуба“, вели пациентка од болницата во Харков.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана соопшти дека руската војска соборила украински воен транспортен авион кој носел воена опрема од западните земји.

„Во областа Одеса, руските сили за противвоздушна одбрана соборија украински воен товарен авион кој требаше да испорача голема пратка оружје што западните земји и ги доставиле на Украина“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Претходно Белата куќа потврди дека првиот дел од новата пратка оружје успешно пристигнал во Украина.

Марина Ристова