Украина

Украина: Одбраната засилена со 20 авиони

21.04.2022 10:29

Украинското воздухопловство е посилно за 20 борбени авиони. Продолжува руската офанзива во мариупол, но и отпорот на украинските војници, 7 најразвиени земји обезбедиле дополнителни 24 милијарди долари поддршка за Киев...

Украина ја зголеми воздушната флота со околу 20 ловци поради приливот на резервни делови од сојузниците , тврди Пентагон. Украинските трупи и натаму се спротивставуваат на руските напади во југоисточниот пристаништен град Мариупол. Ситуацијата е тешка, оцени украинскиот претседател Зеленски, додавајќи дека западните сојузници подобро ги разбрале нивните потреби и дека пристигаат нови пратки воена помош.

„Нашите партнери подобро ги разбраа нашите потреби, што ни треба и кога точно ни треба-не за неколку недели или за месец, туку токму сега, кога Русија се обидува да ги засили своите напади“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

Чеченскиот лидер, Рамазан Кадиров во аудиопорака изјави дека руските сили до ручек ќе имаат целосна контрола над фабриката за челик во Мариупол.

„Пред ручек или после ручек, Азовстал ќе биде целосно под контрола на силите на руската федерација“, рече Рамазан Кадиров - чеченски лидер.

Според снимките што кружат на социјалните мрежи, тие успеале да го заземат градот Рубижне и блиската Кремина. Гувернерот на луганската област, Серхиј Хајдај вели дека русите контролираат 80 насто од територијата на Луганск.

И додека руските сили ја продолжуваат својата неделна офанзива, жителите на Харков се навикнуваат на живот во подрумите.

„Немаме струја, вода, никаква комуникација, ниту пак гас“, вели Оксана Марченко - жителка на Харков.

„Еве каде спиеме, на училишни столчиња и маси. Користиме што можеме“, вели Олга - жителка на Харков.

ЕУ планира шести пакет санкции за Москва. Во меѓувреме и САД воведоа нови санкции против повеќе од 40 поединци и ентитети, кои не беа опфатени со тековните затегање кои вклучуваат казни против фирмите за ископување криптовалути во врска со војната.

„Последната рунда е дел од засилените напори на администрацијата за сузбивање на оние кои се обидуваат да ги избегнат нашите санкции без преседан“, изјави Џен Псаки - портпарол во Белата куќа.

Министрите за финансии од групата седум соопштија дека веќе обезбедиле дополнителна поддршка од 24 милијарди долари за Украина.

Бојана Крстевски