Лавров: Ризикот од нуклеарна војна е сериозен
„Опасноста е голема, ризикот од нуклеарна војна е сериозен“, вели рускиот шеф на дипломатијата Лавров. Ја обвини Украина за провокација. Русија потврди дека нападнала железнички објекти за да се блокира доставата на оружјето од западот. Зеленски со став- победата на Украина е неизбежна, но, невозможно е да се предвиди кога ќе заврши војната...

Рускиот министер за надворешни работи Лавров ја обвини Украина дека провоцира трета светска војна. Предупреди дека заканата од нуклеарен конфликт не би требала да се потцени. Рече дека НАТО е во своевидна војна со Русија зашто ја снабдува Украина со оружје.
„Русија прави многу за да спречи нуклеарна војна по секоја цена. Тоа е нашата клучна позиција, но ризикот сега е значителен. Не би сакал вештачки да ги зголемувам тие ризици, што многумина би го сакале. Опасноста е сериозна и реална. И не смееме да ја потцениме“, порача Сергеј Лавров - министер за надворешни работи на Русија.
Го обвини Вашингтон за отсуство на дијалог.
„САД ги прекинаа сите контакти зашто ние бевме обврзани да ги браниме Русите во Украина. Но, место да помогнат да се стави крај на војната, САД и нивните сојузници свесно ја продолжуваат, така што ја снабдуваат Украина со софистицирани оружја, оклопни возила и напредни дронови. Тие оружја се и ќе бидат легитимна цел на руските воени акции“, изјави Сергеј Лавров - министер за надворешни работи на Русија.
Русија потврди дека нападнала шест железнички објекти во централна и западна Украина со цел да се блокира доставата на оружјето од западот.
Зеленски: Победата на Украина е неизбежна
Украинскиот претседател Зеленски во најновото обраќање рече дека победата на Украина е неизбежна, но дека е невозможно да се предвиди кога војната ќе заврши.
„Кога ќе победиме, тоа ќе го почувствуваат сите. Кога ќе дојде мирот, сите ќе го видат. Но, за тоа да се случи, и да се случи побрзо, треба да не размислуваме кога и што ќе се случи. Мораме секој ден да размислуваме како престојот на окупаторите во нашата земја да го направиме уште понеподнослив“, изјавил Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш, во Москва
Генералниот секретар на ОН Гутереш во посета на Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин. Претходно тој престојуваше во Анкара, каде што се сретна со претседателот Ердоган. Според најавите во четврток во Киев треба да разговара со украинскиот претседател Зеленски и со министерот за надворешни работи Кулеба.
Во меѓувреме градоначалникот на Херсон денеска соопшти дека Русите ја презеле контролата врз Градското собрание. Херсон е единствениот поголем украински град што е окупиран од руските сили од почетокот на извазијата.
Марина Ристова
