Земјоделците бараат интервентен откуп на пченицата за Државните стокови резерви
Националната федерација на фармери се обидува да влијае при креирањето на сите инструменти и политики во земјоделството за да може да им помогне на фармерите кои се соочуваат со последиците од ковид и енергетската криза, а сега и со војната во Украина. Храната и особено житните култури секојдневно добиваат повисоки цени, а скокот на дериватите и вештачките ѓубрива неминовно предизвикуваат раст на производната цена на лебното жито...

Без дополнителна државна поддршка земјоделството тешко ќе ги надмине актуелните глобални предизвици, од кои најголеми се енормните поскапувања на сите репроматеријали, енергенси и суровини што се користат во аграрот. Националната федерација на фармери се обидува да влијае при креирањето на сите инструменти и политики во земјоделството за да може да им помогне на фармерите кои се соочуваат со последиците од ковид и енергетската криза, а сега и со војната во Украина. Храната и особено житните култури секојдневно добиваат повисоки цени, а скокот на дериватите и вештачките ѓубрива неминовно предизвикуваат раст на производната цена на лебното жито.
„Ова лето бараме интервентен откуп на пченицата од Државните стокови резерви. Производствената цена на пченицата поради енормно зголемените трошоци е меѓу 22 и 23 денари за килограм. Доколку тоа не го добиеме идната година во Македонија ќе нема производство на пченица“, рече Мемет-Синани, член на УО на Национална федерација на фармери.
Националната федерација е активно вклучена при креирање на сите инструменти за поддршка на аграрот и особено на Интервентниот фонд.
„На таков начин се ублажуваат последиците во делот на производството на житни култури,но сепак пресудна ќе биде производната цена“, рече Билјана Петровска-Митревска, Национална федерација на фармери.
Нов предизвик за извозот на македонските земјоделски производи е затворањето на рускиот и на украинскиот пазар кои апсорбираат значаен дел од пазарниот вишок на овошје и на зеленчук. Неминовно е барање алтернативни пазари во што фармерите очекуваат поддршка од државните институции.
„Потребно е изнаоѓање нови, алтернативни пазари. Особено за пласман на трпезното грозје и на овошјето, поради војната и затворањето на пазарите на Русија и на Украина“, рече Васка Мојсовска, претседател на Национална федерација на фармери.
Од година в година расте увозот на храна, која истовремено, поради влијанието на климатските промени,добива се повисоки цени. За жал во земјава земјоделските стопанства обработуваат само 320 илјади хектари што претставува половина од она во деведесеттите години на минатиот век. Земјоделството обезбедува 15% од БДП и од него егзистираат 180 илјади семејства, велат од Националната федерација на фармери.
Свето Николовски
