Воен конфликт

Нова офанзива на руските сили на истокот

03.05.2022 12:31

Нова офанзива на руските сили на истокот. Руските сили гаѓаат стратегиски воени цели, се уништува испорачаното странско оружје – тврди Москва. Зеленски со осуда за изјавата на Лавров, дека Хитлер имал и еврејска крв – вели „Москва ги заборавила лекциите од Втората Светска војна“...

Во тек е нова сеопфатна офанзива на руските сили на истокот. Регистрирани се серија напади низ целата линија на фронтот. Во гранатирањето на Угледар во Доњецката област загинаа најмалку тројца цивили. Бомбардиран и пристанишниот град Одеса. Погодена станбена зграда и црква.

„Пет лица беа во зградата во моментот на нападот. Едно 15-годишно дете загина, а уште едно малолетно девојче е пренесено во болница“, изјави Натали Гумењук, од прес-центар на јужните одбранбени сили на Украина.

САД вели дека Русија планира да ги присоедини окупираните области Доњецк и Луганск.

Руските сили гаѓаат стратегиски воени цели-тврди Москва. Се уништува испорачаното оружје од западните земји.

„Руските вооружени сили ја продолжуваат специјалната воена операција во Украина. Високо прецизни ракети „Оникс“ погодија логистички центар на воен аеродром кај Одеса, кој се користеше за испорака на странско оружје. Уништени хангари со беспилотни авиони и ракетно оружје и муниција добиени од сад и европските земји“, изјави Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана на Русија.

Во челичарницата „Азовстал“ во Мариупол и натаму се заробени над 200 цивили. Оние што успеаја да се извлечат, безбедно се движат кон територијата на Запорожје-вели градоначалникот на Мариупол, Боиченко.

Во меѓувреме, силна осуда пристигна од украинскиот претседател Зеленски по изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Лавров дека Хитлер имал и еврејска крв.

„Лавров отворено и без двоумење рече дека наводно најголемите антисемити биле меѓу самите евреи и дека Хитлер наводно имал еврејска крв, префрлајќи ја вината на еврејскиот народ за нацистичките злосторства. Немам зборови. Руските власти ги заборавиле сите лекции од Втората Светска војна, или можеби никогаш не ги научиле“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Критика за изјавата на рускиот шеф на дипломатијата пристигна и од западот.

„Она што го кажа министерот Лавров е апсурдно. Делот за Хитлер дека бил евреин, навистина беше непристоен“, изјави Марио Драги, премиер на Италија.

Брисел го подготвува шестиот пакет санкции.

„Повеќе руски банки ќе бидат отстранети од системот Свифт и енергетскиот сектор. Работиме на подготовка на предлози за ограничување на увозот на енергија во Русија, особено за нафта“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна политика на Европската Унија.

Германскиот канцелар Шолц ги пречека премиерите на Шведска и Финска. На дводневниот затворен состанок двете земји разговараат за руската агресија и за влез во НАТО како одговор на рускиот напад врз Украина. Според Си-Ен-Ен, папата тврди дека унгарскиот премиер Орбан му пренел информација од Путин дека војната во Украина треба да заврши до 9-ти мај.

Бојана Крстевски