Почнува изградбата на терминалот Александрополис, вреден 400 милиони евра
Почна изградбата на терминалот Александрополис во источна Грција, проектиран за 5.5 милијарди метри течен природен гас годишно. И Македонија, покрај Грција, Србија, Бугарија и европската унија се вклучува во набавката на енергенсот. Стратегиската инсталација треба да биде завршена до декември во наредната година...

Почна изградбата на новиот гасен терминал во Александрополис. Геостратешки проект што ќе отвори нова рута на енергетската мапа во Европа за долгорочна независност и стабилно снабдување со течен гас - оценија Балканските лидери . Потпис ставија грчкиот и бугарскиот премиер. За 20 месеци е проектирано да потечат количества од станицата со капацитети за снабдување од 5,5 милијарди куби метри на годишно ниво
„Александрополис е светилник што испраќа двоен сигнал, сите земји заедно ќе ја преземеме клучната улога, по неодамнешната уцена во Москва, проектот е поважен на енергетска карта“ рече Киријакос Мицотакис,премиерот на Грција.
„Економската уцена на Кремљ кон Бугарија и ЕУ нема да успее, бидејќи ние ќе се спротивставиме и денешниот настан е доказ за тоа“, изјави Кирил Петков премиер на Бугарија.
„Време е вистината да покаже што можеме заедно да постигнеме, проектот ќе нè направи посилни и понезависни од рускиот гас“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Македонија обезбедува нова линија за проток на природен гас што ќе ги зголеми капацитетите, ќе ја зајакне либерализацијата на пазарот и конкурентноста на цените.
„Со овој проект наместо во нашата држава да биде присутен само еден извор на гас, сега е отворена можноста да влезе и снабдување од повеќе различни извори, како гасот од соединетите американски држави, блискиот исток и други земји. ова значи сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, сето тоа ќе влијае и на намалување на цената на гасот како енергенс за индустриските и енергетски капацитети“, рече премиерот Ковачевски.
За гасот да стигне овде државава треба да изгради интерконектор, инвестиција од 60 милиони евра, дел со финансии од ЕБОР. Во тек се и подготовките што ќе овозможат директно вклучување во изградбата на гасоводот, вели Ковачевски. Македонскиот удел е инвестиција од 25% во гасната централа на природен гас и 10% во гасниот терминал.
„Србија треба да ги изгради системите за поврзување со Бугарија за да добие поголема можност за прифати големи количини гас, но мора да се направи нешто и за поврзувањето на Северна Македонија преку финансирањето од ЕУ; Верувам дека заедно ќе направиме многу работи“, рече српскиот претседател Вучиќ.
Терминалот за складирање течен гас во Александрополис чини 400 милиони евра. Се состои од пловечки објект каде што ќе се чува енергенсот што дотаму во течна состојба.
Сузана Фиданска Стоевска
