Закуп на државно земјиште над 3 хектари
Се нудат под закуп 5.770 хектари државно земјоделско земјиште. Огласот е наменски и површините се за одгледување на житни култури, сончоглед, маслодајна репка и за добиточен грашок. Изборот на најповолен понудувач е по пат на електронското наддавање...

Скоро 5.770 хектари државно земјоделско земјиште одат под закуп. Парцелите се наоѓаат во 14 региони низ државата и се со големина над 3 хектари.
Наменети се за одгледување на житни култури-пченица, пченка, јачмен, ’рж, ориз, овес, сончоглед, маслодајна репка, тритикали и насади на добиточен грашок. Идните закупци парцелите ќе ги добијат на користење за период од 15 години.
Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица кои мораат да достават и банкарска гаранција за учество на јавениот оглас во висина на понудена деветмесечна закупнина.
Физичките лица треба да се трговци поединци или регистрирани вршители на земјоделска дејност.
Почетната цена е од 15 до 120 евра за хектар во зависност од катастарската класа и местоположбата на земјиштето. Еден земјоделец може да побара под закуп една или повеќе парцели и во неколку различни географски целини или региони.
Огласот за закуп ќе трае 20 дена од неговото објавување, односно од 21-ви април, а изборот ќе биде по пат на електронско јавно наддавање.
Методија Трајков
