Евакуација на цивили од Мариупол
Цел на руските ракетни напади е уништување на транспортната инфраструктура, обвинува Киев. Евакуацијата на цивили од Азовстал е успешна операција, оцени Зеленски...

Над 150 луѓе евакуирани од опколениот Мариупол, безбедно пристигнаа во Запорожје. Евакуацијата од Азовстал успешна, конечно го имаме резултатот од нашата операција – оцени украинскиот претседател Зеленски.
„Беа потребни многу труд, долги преговори и разни посредувања. Во Запорожје пристигнаа 156 луѓе, вклучително и жени и деца. Поминаа повеќе од два месеци во засолништа. Замислете, едно дете има шест месеци, од кои два поминал под земја криејќи се од бомби и гранатирање“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
По евакуацијата на цивилите, руските сили го продолжија нападот врз челичарницата-последниот бастион на украинскиот полк во Мариупол. Сведоци раскажуваат за голготата во Азовстал.
„Две бомби го погодија бункерот и излезот беше блокиран. Имавме среќа што зградата се урна и добивме наклон за луѓето да можат да се искачат. Не евакуираа на 1-ви мај, беше мирно за многу краток период. Главно имаше борби, битки се водеа речиси постојано. Бомбардираа од авиони и други возила“, изјави Игор Иванов, поранешен работник во „Азовстал“.
„Не можете да замислите колку е страшно кога седите во влажен подрум, кој потскокнува и се тресе. Кога излегов надвор, тоа беше втор пат да го видам сонцето за два месеци, а надвор-огромни кратери“, рече Елина Цибулченко, евакуирана.
За денеска се планирани нови четири коридори за евакуација. Во меѓувреме, руските сили извршија серија напади. Погодени се три железнички трафостаници во западниот град Лавов.
„Како резултат на тоа, има прекини во снабдувањето со електрична енергија. Две лица се повредени. Тешко е оштетена и јавната инфраструктура. Имаме прекини и во водоснабдувањето“, изјави Андриј Садови, градоначалник на Лавов.
Ракетни напади се регистрирани и во Киев, Днепро, Харков, Одеса и Доњецката област. Украинските сили тврдат дека го стегаат обрачот околу Харков. Успеале да ја вратат контролата во најмалку 11 села во областа. На периферијата ужас. Мртви тела сведочат за хоророт на војната.
„Село по село одиме кон ослободување на нашата територија, кон победа над окупаторот на земјата, над диктатурата“, рече Артем, украински војник.
И додека траат борбите, Европската комисија предложи нови санкции за извозот на руска нафта поради инвазијата врз Украина. Шестиот пакет санкции им забранува на компаниите од ЕУ да купуваат нафта од Русија и има за цел постепено целосно укинување на увозот руска нафта во Унијата.
Бојана Крстевски
