УКРАИНА

Цивилите ја напуштија челичарницата „Азовстал“, напади врз Одеса и Луганск

08.05.2022 09:26

Напад врз Одеса, во Луганск погодено училиште во кое се криеле цивили. Од фабриката „Азовстал“ замина и последната група цивили. Конфликтот во Украина – тема на состанокот на Г7. Германските медиуми со извештаи за нови напади од руски хакери…

Цивилите ја напуштија челичарницата „Азовстал“ во Мариупол. Украинските војници коишто се во фабриката издадоа соопштение на социјалните медиуми во кое се вели дека и тие и Русија користат систем на бело знаме за прекин на борбите при евакуацијата на луѓето.

Во Одеса, нови проектилни напади. Погодена е фабрика за мебел сместена во станбена населба и писта која веќе била оштетена.

„Ваквите акции на руските окупатори, особено пред Денот на сеќавањето на жртвите од Втората светска војна и Денот на победата над нацизмот, треба да ги потсетат сите земји и нации дека злото не може да се победи еднаш засекогаш“, изјави претседателот Зеленски.

Напад и во Луганск. Властите тврдат дека било погодено училиште во кое биле засолнети 90 луѓе. Две тела се веќе најдени. Покрај големиот број жртви, во Украина се уништени и стотици места кои се сметаат за културно наследство. Меѓу нив е и музејот на поетот и филозоф Сковорода во Харков.

„Бевме овде, одбележувавме 50 години од отворањето, музејот постои од 1972 година. Вечерта на шести мај беше ужасна. Ми јавија дека гори музејот. Го погодила бомба. Штетата е неверојатна. Музејот е уништен“, рече Наталија Мицај, директор на Музејот на Хрихориј Сковорода.

Конфликтот во Украина и санкциите за Русија се тема на самитот на Г7. Обединетото Кралство вети дека ќе обезбеди дополнителни 1,3 милијарда фунти воена поддршка и помош за Киев.

Маја С. Филдишев