Зеленски: Украина е на страна на доброто во војнава, Русија ќе загуби
Украина нема да и даде ниту еден дел од земјата на Русија. Ова не е војна на две армии. Ова е војна на два светогледи – порача украинскиот претседател Зеленски. Конвој автобуси со цивили од југоисточна Украина, пристигнаа во Запорожје. Уште неколку стотици луѓе се надеваат на евакуација од областите кои во моментов ги држат руските сили...

Украина нема да и даде ниту еден дел од земјата на Русија. Украинскиот народ ќе победи. Никому нема да му дадеме ниту едно парче од нашата историја. Целиот слободен свет може да види дека Украина е на страната на доброто во оваа војна, а Русија ќе изгуби затоа што злото секогаш губи, истакна украинскиот претседател Зеленски во говорот за Денот на победата.
„Ова не е војна на две армии. Ова е војна на два светогледи. Никому нема да дадеме ни едно парче од нашата земја. Го славиме Денот на победата над нацизмот. Милиони Украинци се бореа против нацизмот и поминаа низ тежок и долг пат. Нацистите беа протерани од Луганск, нацистите беа протерани од Доњецк, а Херсон, Мелитопол и Бердјанск беа ослободени од окупаторите“, порача Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Конвој автобуси со цивили од југоисточна Украина, вклучително и луѓе кои беа засолнети во челичарницата „Азовстал“ во Мариупол пристигнаа во Запорожје, соопштија Обединетите Нации. Уште неколку стотици луѓе се надеваат дека ќе се приклучат на конвојот за евакуација од други области кои во моментов ги држат руските сили, откако Москва и Киев не постигнаа договор за нивна евакуација.
„Секогаш се надевавме дека ќе побегнеме, долго чекавме. Имаше многу неуспешни обиди, но конечно сме далеку оттаму. Фабриката е целосно уништена. Има само урнатини“, вели Володимир Бабеуш-работник во „Азовстал“, евакуиран од Мариупол.
„Бевме 42 луѓе во едно засолниште. Некои успеаја сами да заминат. Имаше осум деца на различна возраст. Ме викаа „тетка Супа“, бидејќи им готвев топли јадења и појадок“, вели Наталија Бабеуш – работничка во „Азовстал“, евакуирана од Мариупол.
„Веќе заминавме, но една жена со своето дете беше вратена назад. Конечно нејзиното дете можеше да го продолжи патувањето. Русите го уништија мојот Мариупол. Тоа е моето родно место“, вели Дмитро Чечонацки-евакуиран од Азовстал.
И додека украинската армија продолжува да напредува околу регионот на Харков, се појавуваат тела на руски војници. Некои од нив биле погребани од мештаните.
„Сега имаме четириесет тела. Ги чекаме следните чекори од претставници или на Руската Федерација или наредба од нашата влада, кои се одговорни за размена или складирање на овие тела“, изјави украински војник.
„Имаше многу загинати руски војници. Некои беа однесени. Лично бев сведок како носат најмалку 15 тела“, рече локален жител.
Во текот на вчерашниот ден во руски напад на училиште во Луганск, загинаа 60 луѓе. Најмалку четири лица загинаа, а неколкумина се повредени во бомбардирање на Доњецк.
Маријана Димовска
