Продолжува руското гранатирање врз Доњецк, погоден конвој од 15 автомобили
Киев го запре транзитот на рускиот гас кон преку регионот Луганск. Реакција од „Газпром“, Украина неоправдано го запира транзитот. Путин се подготвува за долга војна во Украина, тврдат американски разузнавачи...

Украина го запира транзитот на руски гас преку Луганскиот регион којшто е под контрола на руските сили. Снабдувањето за Европа би можело да се намали за третина доколку Русија не ја прифати рутата што ја предлага Киев-протокот да се врши преку станицата Суџа што е под украинска контрола.
Во меѓувреме, борбите продолжуваат. Гранатиран е Доњецк, погоден е конвој од 15 автомобили со цивили во близина на Харков. Најмалку четворица загинаа.
„Нападнати се со автоматска пушка, а еден автомобил беше погоден со топ, најверојатно од тенк или борбено возило на пешадија. Имаше загинати луѓе, меѓу нив за жал и деца“, „Шпанец“ – командант на украинскиот баталјон.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека ги протерале руските сили од четири села кај Харков.
Претседателот Зеленски го поздрави натчовечкиот напор на своите војници.
„Тие постепено ги туркаат окупаторите од Харков. Благодарен сум на сите наши бранители кои ја држат одбраната и покажаа навистина натчовечка сила да го протераат непријателот“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Руското Министерство за одбрана тврди - напредува специјалната воена операција.
„Уништени се 93 воени објекти, два командни пункта, 69 области на концентрација на жива сила и воена опрема, како и три складишта за муниција на украинските вооружени сили“, информираше Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана.
Повик за помош пристигна од Азовскиот полк за итна евакуација на ранетите.
„Секој ден може да ни биде последен. Имаме крајни ограничени ресурси, a резултатот од тоа може да биде или смрт или заробување од непријателот“, рече Илја Самојленко-поручник во украинската армија, азовски полк.
Русија се подготвува за долга војна во Украина. Можната победа на истокот, нема да го докрајчи конфликтот, тврдат американски разузнавачи.
Контактите Москва-Киев за преговорите продолжуваат, изјави портпаролката на руското МНР, Захарова. За белата куќа е дискутабилно дипломатското решение.
„Не гледаме знаци дека Русија е отворена за дискусии. Потребно е да седнат на маса и да учествуваат во дипломатскиот процес“, изјави Џен Псаки - портпаролка на Белата куќа.
Минск соопшти дека ќе распореди специјални сили на границата со Украина откако САД и сојузниците го зголемија военото присуство во регионот.
Бојана Крстевски
