Расте цената на гасот, борбите продолжуваат
Снабдувањето за Европа би можело да се намали за третина доколку Русија не ја прифати рутата што ја предлага Киев. Количините на гас може да се префрлат во транзитната точка Суџа, што за Гаспром е технички невозможно.

Цената на гасот во Европа поскапе за четири проценти откако Украина најави дека го запира транзитот на руски гас преку луганскиот регион контролиран од Москва. Снабдувањето за Европа би можело да се намали за третина доколку Русија не ја прифати рутата што ја предлага Киев. Количините на гас може да се префрлат во транзитната точка Суџа, што за Гаспром е технички невозможно.
„Гаспром целосно ги исполнува обврските кон европските потрошувачи. Снабдува гас по договорената рута. Украина остави само еден влез за транзит во Европа. Преносот до мерната станица Суџа е технолошки невозможен“, вели Сергеј Купријанов, портпарол на Гаспром.
Во меѓувреме, борбите продолжуваат. Повик за помош пристигна од Азовскиот полк за итна евакуација на ранетите. Гранатиран е Доњецк, погоден е конвој од автомобили со цивили во близина на Харков. Најмалку четворица загинаа.
„Нападнати се со автоматска пушка, а еден автомобил беше погоден со топ, најверојатно од тенк или борбено возило на пешадија. Имаше загинати луѓе, меѓу нив за жал и деца“, изјави командант на украинскиот баталјон.
Украинскиот генералштаб соопшти дека ги протерале руските сили од четири села кај Харков. Претседателот Зеленски го поздрави натчовечкиот напор на своите војници.
„Благодарен сум на сите наши бранители кои ја држат одбраната и покажаа навистина натчовечка сила да го протераат непријателот“, изјави Зеленски.
Властите на украинската област Керсон која е под руска контрола најавија дека ќе побараат да се анектираат кон Русија. Михаил Подољак, најблискиот соработник на украинскиот претседател, вели дека жителите може да се придружат на Марс или Јупитер. Од Кремљ велат, жителите самите да решат.
„Останува на жителите на регионот Керсон да ја одредат нивната судбина. Ваквите судбоносни одлуки треба да имаат апсолутно јасна правна заднина, правна оправданост, да бидат апсолутно легитимни, како што беше со Крим“, нагласи Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Нема оптимизам за спуштање на оружјето. Генералниот секретар на ООН изјави дека војната во Украина нема да трае вечно, но преговорите нема да бидат наскоро.
„Оваа војна нема да трае вечно. Ќе има момент во кој мировните преговори ќе бидат на маса. Подготвен сум да направам сè што можам за да соработуваме и да го искористиме тој момент, но тоа не е во блиска иднина“, рече Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.
Русија се подготвува за долга војна во Украина, тврдат американски разузнавачи. Контактите Москва-Киев за преговорите продолжуваат-изјави портпаролката на руското МНР, Захарова.
Маријана Димовска
