Преговори за евакуација на борците од Азовстал
Продолжуваат руско-украинските преговори за евакуација на преостанатите украински борци во опколената фабрика за челик Азовстал. Руските сили продолжуваат со воените операции, а воените експерти прогнозираат завршување на војната до крајот на годината..

Според украинската вицепремиерка Верешчук преговорите со Русија за евакуација на украинските борци од фабриката за челик Азовстал биле „многу тешки“, при што дополни дека нивниот исход и нема да ги задоволи сите страни. Лидерот на регионалната воена управа на Доњецк оценува дека Русија постојано поставува нови услови, а нејзините сили продолжуваат да го гранатираат Азовстал.
„Не престануваме да се обидуваме да ги евакуираме сите наши луѓе од Мариупол и Азовстал. Во тек се многу тешки разговори за следната фаза од мисијата за евакуација, евакуацијата на тешко повредените, медицинските лица. Правиме се за да ги евакуираме сите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Зеленски рече дека војската прави се за да ги истера руските сили од украинска територија, но и дека никој не може да предвиди колку долго ќе трае војната.
Портпаролот на руското министерство за одбрана како и досега ги наброи уништената жива сила и воена опрема, овојпат во близина на Доњецк и во Херсон.
„Високопрецизни проектили од воздух на руските воздушни сили погодија пет командни пунктови и два магацина за муниција. Нападите резултираа со елиминација на повеќе од 100 националисти и до 23 оклопни и моторни возила“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Според Киев, украинските војници во вагони-ладилници ги испраќаат телата на загинатите руски војници во Киев, за потоа да се префрлат во Русија.
„Овде се чуваат неколку стотини тела на руските окупатори. Има неколку такви залихи на возови на територијата на Украина. Ќе се чуваат овде додека не се донесе одлука на меѓудржавно ниво за пренесување на овие тела“, изјави Володимир Лајамзин, полковник на украинските вооружени сили.
По последните калкулации на западните служби, се јави и украинската воена разузнавачка, според која војната треба да заврши до крајот на годината.
Марина Ристова
