Законот за недела-неработен ден ја поттикнува сивата економија
Законот за недела само ја поттикнува сивата економија, велат од Занаетчиската комора. Тие нагласуваат дека заради потребите на општеството, но и надминување на кризата, занаетчиите се принудени да работат зад затворени врати. Велат нелогично е на трговските центри да им се овозможи да работат, а не и на старите чаршии. По три месеци сè уште не добиле одговор на барањата од Министерството за труд и социјална политика, одредени занаетчиски дејности да можат да работат во недела, но со почитување на Законот.

Занаетчиската комора останува на ставот дека новиот Закон со кој недела е неработен ден, ја поттикнува сивата економија, односно работењето зад затворени врати. Претседателот на комората, Фазлиј вели дека според податоците сивата економија зема 2,5 милијарди евра годишно. Укажува дека по три месеци од средбата со министерката за труд и социјална политика, сè уште нема одговор за нивните барања, на дел од дејностите да им се овозможи сопствениците и вработените да работат во недела, но со почитување на сегашниот Закон.
„Луѓето мора да работат во недела за потребите на општеството и заради нивните потреби, бидејќи се во тешка економска криза, а тоа ќе потрае бидејќи немаме здрава економија. Потребните дејности како фризери, цвеќарници, козметичарите што мора да работат во недела, и вака ќе работат но зошто Законот дава насока да одат во сива економија овие дејности“, вели претседателот на комората, Агрон Фазлиј.
Од Занаетчиската комора укажуваат дека над 70 илјади работници се од приватниот сектор, од микро, мали фирми и вршители на занаетчиска дејност. Велат вообичаено се од двајца до тројца вработени, и немаат колективни договори. Дополнително се погодени од ковид и енергетската криза.
„Зошто да не се дозволи наше автохтоно да работи, не е логично, трговски мол да работи, стара скопска или охридската чаршија да не работи. Замислете еден турист да ни дојде сигурно нема да оди во мол туку во стара чаршија“, нагласи тој.
Занаетчиите засега не размислуваат за протест, туку за дијалог со надлежните, но сепак не ја исклучуваат и таа можност.
Елена Георгиевска
