Донаторите на органи ќе се лекуваат без партиципација
За да се поттикне трансплантацијата, се планираат повеќе бенефиции за донаторите на органи

До крајот на годинава ќе се измени законската регулатива за зголемување на правата на донаторите на органи и коскена срцевина како што имаат крводарителите. Се планира тие да бидат ослободени од плаќање партиципација при користење здравствени услуги, доколку еднаш донирале орган или двапати дарувале коскена срцевина.
Сите потенцијални дарители ќе можат бесплатно да ги направат сите прегледи за да се утврди компатибилноста со примателот. Со овие мерки Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување очекуваат поттикнување на поголем број донори, а ефектите би биле да се намали времето на чекање за орган или коскена срцевина, побргу да се спаси човечки живот, да се намали бројот на пациентите на дијализа и да се зголеми квалитетот на живеење на пациентите.
За да се зајакне националниот регистар за донори на матични клетки за трансплантација од несродни донори, со софистицирана апаратура ќе се доопремуваат Институтот за трансфузиона медицина и Центарот за трансплантација на матични клетки кој е во рамките на Универзитетската клиника за хематологија.
Ќе се доусовршува и дел од кадарот на клиниката. За да се зголеми бројот на крводарители, што е од суштинско значење за успешна трансплантација и други интервенции, државните институции еднаш годишно треба да организираат крводарителска акција, а административците треба да бидат пример за општествена одговорност и мотивација за другите граѓани.
Соња Стојановска
