Руско-украински конфликт

ЕУ сè уште без договор за ембарго на руската нафта

30.05.2022 09:54

Вонреден лидерски самит на ЕУ. Земјите-членки се обидуваат да постигнат согласност за нов пакет санкции за Русија поради операциите во Украина. Борбите за Северодоњецк продолжуваат, прекинато е снабдувањето со струја и телекомуникациските врски. Русија останува фокусирана на Донбас. Турскиот претседател Ердоган во телефонски разговор со лидерите на завојуваните земји...

Иднината на европската одбрана, војната во Украина и шестиот пакет санкции врз Русија главни теми на вонредниот лидерски самит на ЕУ. Амбасадорите не постигнаа договор за ембарго на руската нафта. Унгарија и уште неколку други земји се против воведување на забрана за увоз на горивото. Германскиот министер за економија Хабек предупреди-единството на ЕУ почна да се распаѓа.

Дипломатските напори не го намалија интензитетот на битките. За Русија, ослободувањето на Донбас останува примарна цел во оваа етапа. Шефот на дипломатијата Лавров нагласи – жителите на останатите региони ќе решаваат сами за својата иднина.

Северодоњецк остана без клучната инфраструктура. Руските операции уништија 90% од зградите. Поради загубите, претседателот Зеленски го отпушти локалниот шеф на Службата за безбедност.

Дојдов, разбрав што се случува и го отпуштив шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ) на регионот Харков, бидејќи од старт не работеше на одбраната на градот и мислеше само за себе. Кои му биле мотивите? Полицијата води истрага за тоа. Една третина од Харков е поробена. Сигурно ќе ја ослободиме целата територија и секој треба да работи за овој резултат и на локално и на државно ниво“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган најави нов телефонски разговор со лидерите на завојуваните земји.

Маја С. Филдишев