МВР: Нема фантомски гласачи во Кисела Вода
МВР одговори на обвинувањата на невладиниот сектор. 54 лица со иста адреса на живеење личните карти ги имале години наназад. НВО и СДСМ очигледно лошо се координирале, вели министерката Јанкуловска...

По обвинувањата од некои невладини организации дека МВР издало лични документи на непостоечки лица, министерството направи проверка и констатира дека невладиниот сектор открил афера на раководството од времето на СДСМ. Личните карти биле издавани во 2003-та и во 2004-та година.
Проверките покажаа дека се работи за лоша координација меѓу СДСМ и невладините организации кои обработуваат за нивни интереси на овие избори- вели министерката Гордана Јанкуловска.
„Законот вели дека во случај на обнова на документ граѓаните не се должни да доставуваат нова документација, туку обновата се прави врз основа на стариот истечен документ или стариот оштетен документ“, рече Јанкуловска.
Утврдено е дека станува збор за 54 лица, кои поседуваат лични карти од поодамна - сите тие имале претходни лични карти на истата адреса.
МВР апелира невладините организации да не креираат атмосфера со која би се фрлил сомнеж на претстојните избори или би се дискредитирала волјата на граѓаните.
Андријана Атанасовска
