Свет

Борис Џонсон останува премиер, конзервативците му изгласаа доверба

07.06.2022 09:53

Британскиот премиер Борис Џонсон останува на функцијата. Го преживеа гласањето за доверба во парламентот. 211 пратеници гласаа за негово останување на чело на владата, 148 беа против...

Со 211 гласа „за“ и 148 „против“, конзервативците му изгласаа доверба и му го спасија премиерскиот мандат на Борис Џонсон. Гласањето беше на иницијатива на педесетина негови сопартијци поради аферата „Партигејт“. Иако плати парична казна и неколку пати се извинуваше за скандалот со организирање забави во карантинскиот период, Џонсон одбиваше да поднесе оставка.

„Резултатот е многу добар за политиката и за земјата. Убедлив е и одлучувачки. Како влада, сега може да продолжиме и да се фокусираме на нештата кои се суштински за народот“, изјави Борис Џонсон, премиер на Обединетото Кралство.

„Конзервативната партија верува дека е премногу да се бара добра влада со фокус на подобрување на животот, дека непочитувањето на законот не е пречка за носење на законот. Конзервативната партија верува дека британската јавност нема право да очекува чесни политичари“, рече Кир Стармер, лидер на Лабуристичката партија.

Поради изгласаната доверба, Џонсон во наредната година нема да може да се соочи со истиот процес.