Воен конфликт

Зеленски: Продолжува одбраната на Донбас

08.06.2022 12:25

Руско-украинскиот конфликт е сконцентриран во Донбас. Русија тврди дека контролира 97% од Луганск. Украинската страна процени дека противникот зазел речиси половина од Доњецк. Мелитопол ќе организира референдум за анектирање кон Русија...

Руските трупи ги контролираат Луганск и Доњецк. Целта на Кремљ е целосно освојување на индустрискиот центар на истокот на Украина. Во Севердоњецк се спроведува сценарио како во Мариупол, градот се уништува систематски.

Нема промена во ситуацијата на фронтот. Продолжува херојската одбрана на Донбас. Најжешките точки се исти. Пред сè, тоа се Северодоњецк, Лисичанск, Попасна. Повеќето окупаторски единици сфатија дека немаат перспектива во Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Претседателот Зеленски соопшти дека гасот и јагленот нема да се продаваат во странство бидејќи ги очекува тешка зима. Целото домашно производство ќе се насочи кон задоволување на потребите на украинските граѓани. Турција се обидува да постигне договор за извоз на житото. Во посета на Анкара е шефот на руската дипломатија Лавров.

Земјоделците во Донбас остануваат на полињата.

„Не одам никаде. Ова е мое поле. Не заминувам. Зошто би одел? Насекаде гранатираат. Што можеме да направиме? Мора да живееме и некако да преживее“.

„Постојано нè напаѓаат. Има паузи, но краткотрајни се. Воопшто не спиеме. Немаме каде да одиме, а немаме ни пари“.

Спасувачките екипи продолжуваат со евакуација на населението од повеќе градови во источниот дел, но многумина одбиваат да заминат и покрај интензивираните борби.

„Јас сум болна и не сакам да сум им товар на другите, не сакам да одам од едно на друго место“.

„Ако заминеме, нема да се вратиме, и на крајот ќе бидеме очајни“.

Во Мелитопол, подготовки за референдум за присоединување кон Русија. Овој град на југоистокот на Украина, падна во рацете на руските сили во март годинава.

„Благодарни сме и на Руската Федерација за помошта и поддршката. Знаеме дека нашата иднина е во единство со Русија, Руската Федерација ќе остане овде засекогаш. Почнавме да се подготвуваме за референдум“, изјави Галина Данилченко, шеф на воено-цивилната администрација на Мелитопол.

Во меѓувреме, Руската државна Дума усвои два закона за укинување на судската надлежност на Европскиот суд за човекови права над Русија.

Маја С. Филдишев