Ден за високи гости на „Македонски блесок-10“
11.04.2014 19:20
Утре е последниот ден на вежбата, кога е предвидено да биде првично и неофицијално соопштена оценката...
На армискиот полигон „Криволак“ денеска во рамки на воената вежба „Македонски Блесок-10” беше реализирана програма за Денот за високи гости. Присуствуваа министерот за одбрана Талат Џафери, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, нивните заменици Емил Димитриев и Насер Сејдини, командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, воени аташеа акредитирани во држава и претставници на Канцеларијата за врски на НАТО и на локалните самоуправи од Штип, Неготино и Кавадарци.
„Припадниците на АРМ кои ги сочинуваат средната пешадиска баталјонска група (СПБГ) и Лесната маневарска болница (ЛМБ), демонстрираа различни борбени постапки и ситуации кои беа дел од содржините за нивно оценување при што беше прикажана врвна обученост и извежбаност, а имаа можност и да се запознаат со тактичко-оперативниот центар на СПБГ, опремата и персоналот на ЛМБ и штабот на вежбата“, соопшти Министерството за одбрана.
Министерот Џафери оценил дека обученоста на декларираните единици, кои уште еднаш покажале способност за ангажирање во операции предводени од НАТО, дава можност тие во наредните три години да бидат дел од басенот на сили кои се предвидени за ангажирање на мировни мисии, што ќе овозможи и извршување и на уставните функции на АРМ.
Според началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, успешното организирање и реализација на вежбата „Македонски Блесок-10“ претставува уште еден голем успех и потврда за исполнувањето на стандардите на НАТО од страна на АРМ.
Утре е последниот ден на вежбата, кога е предвидено да биде првично и неофицијално соопштена оценката од спроведеното оценување согласно Концептот за оперативни способности на НАТО (НАТО оценување - Ниво 2).
