Автомобил влета во толпа во Берлин, едно лице загина
Најмалку едно лице загина, а неколкумина се повредени и во животна опасност откако автомобил удри во толпа пешаци. Според германски Билд, уапсениот е 29-годишен Германец со ерменско потекло. Полицијата истражува дали инцидентот е предизвикан поради губење контрола над возилото или возачот со умисла влетал во толпата пешаци.

Најмалку едно лице загина, а неколкумина се повредени откако автомобил влета во толпа во Западен Берлин, во дел од градот популарен меѓу туристите и купувачите. Според портпаролот на противпожарната служба, пет лица се здобиле со повреди опасни по живот. Случајни минувачи го задржале осомничениот и го предале на надлежните органи откако запрел пред излог на една од продавниците.
„Откако пристигна првата полициска кола видовме дека луѓето лежат насекаде. Што се случи не знаеме. Очигледно е дека автомобил влета во продавница“, вели очевидец.
Сведок на инцидентот и американски актер кој што случајно се нашол во близина на местото на несреќата.
„Слушнав бучава додека бевме во продавница и излеговме надвор. Видовме автомобил, изгледаше како да влетал во излогот. Мислевме дека е несреќа. Одевме нагоре по улицата кога дојде полицијата и го здогледавме дури тогаш починатиот, на местото каде што вечеравме синоќа“, изјави Џон Бароуман-американски актер, сведок на инцидентот.
Според германски „Билд“, уапсениот е 29-годишен Германец со ерменско потекло, којшто од претходно и бил познат на полицијата поради имотни деликти. Властите се обидуваат да утврдат дали овој инцидент е предизвикан поради губење контрола над возилото или возачот со умисла влетал во толпата пешаци.
„Од информациите со кои во моментов располагаме, маж влета со автомобил во група луѓе при што повредил неколкумина и усмртил едно лице. Мажот потоа се вратил во патот и застанал пред излог во една од продавниците. Ги расветлуваме фактите“, рече Тило Каблиц, портпарол на полицијата.
Инцидентот се случи во близина на местото на смртоносниот напад во 2016 година, кога лице поврзано со исламистичка терористичка група упадна во божиќен саем со украден камион чиј возач го уби, а потоа влета во преполниот пазар каде што најмалку 11 луѓе загинаа а десетици беа повредени.
Маријана Димовска
