Ведрина, енергија и движење во новата соработка на ДНК и Џамбо Агушев
Во рамки на прес-конференцијата беше промовиран и новиот видео запис за соработката на ДНК со оркестарот на Џамбо Агушев насловена како „Ако утре ме нема“. И за оваа песна, на музиката, аранжманот и продукцијата работеше Лазар Цветкоски, кој момците од ДНК го сметаат за трет член на составот, а со својата виртуозност музиката ја збогати волшебникот на трубата – маестро Џамбо Агушев.

Денес во Brick Eat се одржа прес-конференција на дуото ДНК – Андреј и Панчо, по повод претстојниот концерт со кој момците ќе го одбележат 20-годишниот јубилеј. Со 5 албумски изданија зад себе, речиси 40 видео записи и бројни соработки, ДНК несомнено и во континуитет се едни од најплодните артисти на македонската музичка сцена. Во последните години момците дадоа особен придонес на сцената со тоа што остварија соработки и со млади артисти со што покажаа и голема поддршка за новите музички генерации во земјата.
Концертот ќе се одржи на 3-ти декември 2022-ра година во салата Борис Трајковски, што за ДНК е посебен предизвик заради големиот капацитет на просторот.
Картите за концертот, преку продажната мрежа на МК Тикетс, во периодот од 13.06.2022 до 02.07.2022 на пладне ќе се продаваат по посебна цена, исклучително пристапна за љубителите на нивната музика, за што момците од ДНК велат дека е форма на благодарност за публиката и начин музиката и концертите да бидат достапни за сите, особено во овие непредвидливи времиња.
Во рамки на прес-конференцијата беше промовиран и новиот видео запис за соработката на ДНК со оркестарот на Џамбо Агушев насловена како „Ако утре ме нема“. И за оваа песна, на музиката, аранжманот и продукцијата работеше Лазар Цветкоски, кој момците од ДНК го сметаат за трет член на составот, а со својата виртуозност музиката ја збогати волшебникот на трубата – маестро Џамбо Агушев.
Песната носи силна ведрина, многу енергија и движење, а музички е направена во џипси стил во современ аранжман, во којшто Андреј и Панчо како вокали одлично се снајдоа.
Спотот за „Ако утре ме нема“ ќе биде објавен вечерва во 19ч на дигиталните платформи. Видеото го снимаше и режираше Кристијан Теодоров, а пост-продукцијата е дело на Владимир Митревски – Ѓуле.
Момците од ДНК го опишуваат спотот како една весела Ивкова слава и вистински успеваат да ја пренесат позитивната енергија на публиката преку истиот. Во спотот се појавуваат голем број познати личности, колеги и пријатели на дуото како Наум Петрески, Миле Кузмановски, Тони Михајловски, Васко Тодоров.
Оваа јубилејна година ДНК ја одбележуваат со голема турнеја низ земјата, која ќе кулминира со концертот на 03.12.2022 во салата Борис Трајковски. Меѓу убавите музички вести ни најавија и нов албум.