Македонија

Отворен 61. Балкански фестивал на народни песни и игри

08.07.2022 13:57

Во Охрид е отворено шеесет и првото издание на балканскиот фестивал на народни песни и игри. И годинава љубителите на фолклорот од земјава и странство ќе имаат можност да ги проследат настапите на познати ансамбли од земјава и регионот, кои преку игра и песна ќе ги презентираат фолклорот и традициите на нивните земји, со што ќе придонесат за зближување помеѓу народите...

Со настапот на ансамблот „Танец“ синоќа во Охрид беше отворен Балканскиот фестивал на народни песни и игри. Со нивнот настап членовите на овој светски реномиран ансамбл уште еднаш ја потсетија публиката дека народните песни и игри низ историјата биле еден од столбовите врз кои сме ги граделе и развивале нашиот национален идентитет и култура. Официјално фестивалот го отвори потпретседателот на македонскиот Парламент, Горан Мисовски, при што рече дека уметноста е уште еден вид на дипломатија и промоција на секоја држава и нација.

„Музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија и се дел од светското културно наследство, меѓутоа во истовреме тие претставуваат и значајни елементи кои го дефинираат,чуваат и развиваат националниот идентитет, вредности кои нашите предци векови наназад знаеле и успеале да ги сочуваат, развиваат и пренесат на помладите генерации“, рече Горан Мисовски, потпретседател на Собранието на Северна Република Македонија.

Фестивалот ќе ги упати универзалните пораки на уметничко изразување,хуманизам и разбирање на различностите и презентирање на сопствениот идентитет, јазик и култура, рече градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

„Балканскиот фестивал на народни песни и игри, е не само македонски, туку и светски културен трезорво кого грижливо се чуваат богатствата на фолклорната традиција не само на македонскиот,туку и на многу други народи тие фолклорни богатства се пренесувале од колено на колено со генерации,правејќи вистински културни филиграни кои им одолевале и им одолеваат на сите притисоци на современото живеење“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

На годинешното издание на фестивалот учество ќе земат повеќе ансамбли од земјава, Србија, Албанија, Словачка и Босна и Херцеговина.

Сашо Нелоски