Бугарија

„Продолжуваме со промената“ го враќа мандатот

08.07.2022 15:16

Дали Бугарија влегува во политичка криза. Се поизвесно е дека наесен ќе има нови избори, откако денеска премиерот во оставка Петков изјави дека неговата „Продолжуваме со промената“ ќе го врати мандатот за формирање нова Влада. Сопартиецот и кандидат, Асен Василев го нема потребното мнозинство од 121 пратеник. За неполн час истекува рокот до кога треба да го извести претседателот Радев, дали може или не да формира нов кабинет...

„Продолжуваме со промената“ на Премиерот во оставка Кирил Петков го враќа мандатот за формирање нова Влада. Кандидатот за премиер Асен Василев не успеа да обезбеди поддршка од 121 пратеник. Петков рече дека пратениците се свесни за одговорноста која ја имаат, како и дека ќе комуницираат со сите пратеници, но, нема да дозволат ултиматуми од опозициските партии, ниту диктат од други надворешни сили.

Пред истекот на рокот, во текот на денот, партиски реакции околу разговорите за новиот кабинет. Изјавите како да наговестуваат дека Бугарија влегува во политичка криза. Опозициските ГЕРБ и ИТН претходно најавија дека ќе одбијат ако Радев им го довери мандатот за нова Влада. „Демократска Бугарија“ на Иванов апелира претседателот Румен Радев да продолжи со консултациите со парламентарните политички партии.

Лидерот на Демократска Бугарија вели дека тие се подготвени да го прифатат мандатот и да се обидат да формираат Влада.

Марина Т. Стојанова