Политички и економски колапс на Шри Ланка
Претседателот Раџапакса побегна на Малдивите само неколку часа пред да поднесе оставка. Владата прогласи вонредна состојба, во западната провинција во сила е полициски час. Сериозниот недостиг на храна, лекови и гориво предизвика масовни протести на улиците …

Политички и економски колапс на Шри Ланка. Претседателот Раџапакса побегна на Малдивите само неколку часа пред да поднесе оставка. Владата прогласи вонредна состојба, во западната провинција во сила е полициски час. Сериозниот недостиг на храна, лекови и гориво предизвика масовни протести на улиците …
Владата на Шри Ланка прогласи вонредна состојба. Претседателот Готабаја Раџапакса со своето семејство побегна на Малдивите откако демонстранти му ги зазедоа домот и канцеларијата, само неколку часа пред да поднесе оставка. Воведен е полициски час во западната провинција, која го опфаќа и главниот град Коломбо. Се претпоставува дека шефот на државата со бегството сакал да избегне апсење. Тој, меѓу другото, е обвинет за корупција и лошо менаџирање.
„Неговата екселенција, претседателот Раџапакса ме информираше дека според Уставот, тој го назначи премиерот да ги покрие неговите должности бидејќи е надвор од земјата“, изјави Махинда Јапа Абејвардена, претседател на Парламентот на Шри Ланка.
Сериозниот недостиг на храна, лекови и гориво предизвика масовни протести на улиците во Шри Ланка кои се интензивираа изминатите денови. Илјадници излегоа на улиците и окупираа неколку владини згради барајќи од нивните највисоки лидери да се повлечат. Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите од пред резиденцијата на премиерот.
„Сега моќта е на народот. Политичарите треба да ја предадат моќта на народот и да ги слушаат насоките. Сметаме дека нема потреба претседателот да поднесе оставка затоа што сега е исфрлен“, рече Матиш Мудалиге, демонстрант.
Шри Ланка, која има околу 22 милиони жители, во моментов поминува низ најтешката економска криза од независноста од Велика Британија. Економијата на земјата главно зависи од туризмот и е тешко погодена од пандемијата на Ковид-19. Владата претходно побара помош од Меѓународниот монетарен фонд и Русија. Разговорите со ММФ биле тешки бидејќи влегле во дискусија како земја која банкротирала, а не земја во развој.
Маријана Димовска
